Google ја гаси Google+ друштвената мрежа за обичните корисници

Одлуката доаѓа по излегувањето на информација за загрозеност на приватноста на корисниците, а мрежата ќе продолжи да функционира само за бизнис корисниците

Сигурно повеќето од вас ќе се прашате и дали оваа мрежа воопшто некој се’ уште ја користи, од кога не успеа да се пробие како конкуренција на Facebook. Одговорот е дека мрежата има голем број на корисници, меѓутоа тие во главно се бизнис корисници кои ја користат оваа мрежа како еден вид на корпоративна друштвена мрежа за вработените.

Што се однесува до останатите, односно „обичните“ корисници, тие според кажувањата на Google, многу слабо ја користат мрежата. 90% од корисниците се задржуваат само до 5 секунди на мрежата, па јасно е каква е ситуацијата.

Главната причина за гаснење на сервисот е откривањето дека грешка во API алатките на мрежата има овозможено пристап до информации од корисниците кои не се јавни и не требало да може да се пристапи до нив. Оваа грешка била достапна повеќе години, а од Google дури оваа пролет ја имаат откриено и исправено. За тоа тие ги немаат информирано корисниците, па по истражување од страна на Wall Street Journal информацијата станува јавна.

Google+ ќе престане со работа за обичните корисници во наредните 10 месеци, по што ќе биде преориентирана како деловна мрежа со нови функции направени специјално за овие корисници. Од компанијата веќе ги промовираат сигурносните функции кои треба да им дадат сигурност на бизнис корисниците дека пропустот кој бил откриен не е нешто што треба да ги загрижува.

Претпоставувам дека скоро никој од вас или многу мал дел ќе биде засегнат од оваа информација, со оглед на популарноста на другите мрежи, односно Facebook, Twitter и Instagram.