Пред неколку дена, покрај сите информации кои се вртат околу Facebook периодов, излезе и информацијата дека Facebook ги има бришено пораките кои Марк Закерберг ги има испраќано кај одредени корисници, а истото го има направено и за уште неколку други директори. Официјалното објаснување на компанијата е дека тоа е направено со цел заштита на приватноста на разговорите на овие луѓе по пробивањето на серверите на Sony кое се случи пред неколку години.

Оваа информација први ја пренесоа TechCrunch за кого и беше дадена изјавата од Facebook за причините за активноста. Нападите кон Facebook не застануваат по излегувањето на скандалот со Cambridge Analytica, а се чини како да години на претпоставки за друштвената мрежа, наеднаш да се докажаа, па нападите не престануваат.

Од компанијата сега најавуваат дека на сите Facebook корисници ќе им биде дозволено да си ги избришат испратените пораки, односно да ги избришат и од другата страна, страната која што ја добива пораката. Моментално пораки може да се бришат, меѓутоа само на едната страна, а испратените пораки си остануваат кај примателот.

Бришењето на испратени пораки моментално е можно само преку Secret Conversations функцијата во Messenger, преку која разговорите се енкриптирани, а се бира времето на достапност, по што „исчезнуваат“.

Новата функција за бришење на пораките која треба да стане достапна во месеците што следат, не е моментално јасно на кој начин ќе ја нуди можноста, па останува да видиме.

Интересно, од компанијата најавија дека до пуштањето на функцијата за сите корисници, Марк Закерберг веќе нема да може да ги брише своите пораки 😊.