Главниот извор на приходи на Facebook се разбира се рекламите кои секојдневно ги гледаме на оваа друштвена мрежа, на нејзините апликации, како и на апликациите во нивна сопственост, како Instagram.
Со оглед на популарноста на Facebook Messenger, воопшто не изненадува одлуката на компанијата и на оваа апликација да почне да прикажува реклами.
Тестирањето на платформата за реклами на Messenger започна на почетокот од годината во Тајланд и Австралија, а од оваа недела ќе се прошири на останатите 1,2 милијарди корисници на апликацијата во целиот свет.
Рекламите ќе се прикажуваат на почетниот екран од Messenger, односно помеѓу листата со разговори, каде што и најмногу би привлекле внимание, се разбира. Кога точно може да очекувате да ги видите, не е познато, а од компанијата истакнуваат дека платформата треба да биде пуштена официјално до крајот на годината.
Рекламите, исто како што е случајот и на Facebook, ќе бидат прикажувани согласно интересите на корисникот, односно од интересите кои корисникот ги „остава“ на друштвената мрежа секојдневно со неговото лајкување, коментирање, кликање на линкови и слично.
Дали ова ни се допаѓа на нас корисниците или не, сепак на крај нема да биде изгледа толку важно. Најголемиот процент на заработка Facebook ја прави токму од рекламите, па јасно е дека ќе гледаат да може да ги прикажат на што повеќе места.