Во време кога друштвените мрежи имаат досега недостигната популарност и број на корисници, јасна е моќта која тие ја имаат во влијанието на јавното мислење, па може да се каже, во светот. Се поголем број на луѓе своите информации ги добиваат во главно преку друштвените мрежи, па прашање на време беше само кога тоа ќе биде злоупотребено.

Лажните вести веќе не се нешто ново на друштвените мрежи, а Facebook веќе одамна е под притисок да воведе, но и воведува механизми кои треба да се справат со се почестите лажни вести.

Сепак, страните кои објавуваат вести не се единствените кои „прават проблеми“ и го злоупотребуваат начинот на којшто функционира оваа најмасовно користена мрежа. Тоа го прават и обичните корисници, а Facebook има проблем со системот за пријавување на несоодветна содржина.

Конкретно, корисниците се одлучуваат да пријават одредена содржина, да ја означат како неточна или несоодветна, иако тоа не е случајот. Тие тоа го прават поради тоа што не се согласуваат со страната која ја објавува содржината или не се согласуваат со тврдењата во самата вест.

Кратко кажано, луѓето имаат почнато да многу лесно се одлучуваат лажно да обвинуваат некого, само поради тоа што тој не им се допаѓа или на некаков начин ги има „налутено“.

Во интервју за Washington Post, одговорната во Facebook за борба против дезинформации, Теса Лајонс, истакнува дека алгоритамот на компанијата покрај тоа што ги „лови“ лажните вести објавени од страна на страните, тој ги проверува и обичните корисници.

Поточно, алгоритамот на Facebook ги оценува корисниците на скала од 0 до 1 за тоа колку може да им се верува, односно ја оценува нивната доверливост. Според тоа, алгоритамот оценува дали одреден корисник којшто пријавува други корисници или објави, може да му се верува дека тоа искрено го прави.

Лајонс истакнува дека постојат уште многу други начини на кои се проверува диверливоста на корисниците, меѓутоа таа не е спремна да ги каже поради можноста истите да се искористат, односно „изиграат“.

Еден од најновите случаеви кои покажуваат дека има потреба за еден ваков систем е бришењето на профилот на InfoWars поради огромен број на пријави за говор на омраза. Од компанијата се сомневаат дека тие пријави биле дел од план да се измами системот на мрежата и да му се наштети на конкретниот корисник.

ИЗВОРWashington Post
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаМногу изненадувања и подароци за првиот училишен ден во Скопје Сити Мол
Следна статијаПроблематичните мустаќи на Хенри Кавил
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.