Во октомври минатата година Facebook го имаше откриено еден од поголемите пропусти на нивната мрежа, пропуст кој има овозможено пристап до профилите на 50 милиони корисници. Можеби ќе ви текне по тоа што бевте одјавени од вашата сметка, па моравте повторно да се најавите, доколку бевте дел од тие 50 милиони корисници.

Пропустот, кратко кажано, беше поврзан со „View As“ функцијата, поточно делот од оваа функција кој овозможуваше да се види сопствениот профил како некој конкретно избран корисник на мрежата.

Поради тоа, Facebook целосно ја исклучи и тргна функцијата, па најави нејзино враќање по целосното средување на проблемот.

Од оваа недела Facebook најави враќање на функцијата, а истата ќе биде „засилена“ со нова можност на профилот, исто така поврзана со изгледот на јавниот дел од профилот.

Корисниците сега повторно ќе можат да видат како нивниот профил изгледа за тие кои не им се пријатели, па доколку сметаат дека нешто од тоа не сакаат да може да се гледа, ќе можат да ја искористат новата „Edit Public Details“ можност.

Со тоа корисниците добиваат подобра контрола над нивната приватност, односно се осигуруваат дека луѓето кои не им се пријатели нема да можат да видат нешто на нивниот профил што е замислено само за пријателите.

Иако сето ова може да се контролира со посебните прилагодувања на Facebook, сепак е добро да има и една ваква алатка, ако не за друго, за проверка дали прилагодувањата се наместени како што е замислено од корисникот.

Оставете коментар