Thought Catalog / Unsplash

Иако ова може да е само една најобична техничка работа која Facebook сега решава да ја спроведе, сепак не може да не се помисли дека оваа промена е поврзана со зголемениот број на избришани кориснички сметки од оваа мрежа.

Како и да е, доколку се решите да ја избришете вашата Facebook корисничка сметка, истата дефинитивно ќе биде избришана, без можност за враќање, дури после 30 денови. Овој период, односно таканаречен „грејс“ период, претходно беше поставен на 14 денови.

Оваа промена од компанијата ја имаат потврдено за порталот The Verge и истакнуваат дека причината за промената е што голем дел од корисниците кои ја имаат избришано својата сметка, се обиделе да се најават на истата по истекот на 14-те денови.

Бришењето на Facebook сметката е нешто што почесто се прави од страна на корисниците оваа година. Причина за тоа се скандалите кои се појавија поврзани со приватноста на корисниците, односно злоупотреба на истата, како и неодамнешното хакирање на повеќе од 50 милиони сметки.

На тоа можеби треба да се додаде фактот дека кај помладите корисници Instagram, па и Snapchat, стануваат се повеќе популарни, па може да се каже дека Facebook го достигна својот максимум.