Facebook

Изгледа е дојдено време да се што се имаме сомневано за Facebook, излезе на површина, а тоа активно се случува изминатите недела дена. Како што веќе ви е познато, целата работа започна со откривањето дека компанијата Cambridge Analytica има дојдено до податоци за 50 милиони Facebook корисници, добиени од страна на професор од Cambridge универзитетот, без притоа да се прекршат правилата на друштвената мрежа.

За време на изминатиот викенд, дополнителни информации излегоа во јавноста кои се откриени поради наводите со случајот Analytica. Поточно, голем број од корисниците решија или да си ги избришат своите профили од мрежата или да си ги проверат уште еднаш прилагодувањата за приватност. Меѓу другото, голем дел од корисниците решиле да си ги симнат податоците од мрежата, нешто што е достапно веќе одамна, па од тие податоци се доаѓа до следното откритие.

Facebook има чувано листа на повици (call logs), како и SMS пораки од корисниците, а истите биле достапни во базата на податоци која може да се симне од страна на корисникот. Листата со повици содржела информации за видот на повикот, телефонскиот број, датата, како и времетраењето на повикот.

Интересно во целиот случај е што како и обично, правилата на Android не биле прекршени за добивање пристап до овие информации. Android до својата 4.1 (Jelly Bean) верзија дозволуваше пристап до сите информации за корисникот кои апликацијата ги бара, доколку истата биде инсталирана. Листата со барања од апликацијата се прикажува како и денес пред инсталирањето на истата, меѓутоа доколку корисникот не сака да прифати нешто од таа листа, се што може да направи е да не ја инсталира апликацијата целосно. Тоа значи дека повеќето корисници овозможиле пристап до својата листа со контакти, што значело и пристап до листата со повици и SMS пораки.

Поновите верзии од Android не го дозволуваат веќе ова на овој начин. Апликациите, како што сигурно имате забележано, бараат дозвола за пристап до одреден ресурс на уредот, во моментот кога им е потребен тој пристап. Па корисникот може да го забрани пристапот, иако ја има инсталирано апликацијата, а истата ќе продолжи да функционира.

Работите да бидат уште поинтересни, доколку сте имале телефон со Android 4.1 и ја имате инсталирано Facebook или Messenger апликацијата, имате дозволено пристап до вашите податоци. Иако сега можеби користите нова верзија од Android, оперативниот систем дозволувал да апликациите се повикаат на постарата верзија од API алатката, преку која повторно ги добиваат веќе порано дозволените права за пристап до информациите на корисникот. Оваа API алатка е прекината во октомври минатата година, до кога и засегнатите корисници тврдат дека завршува и листата со повици.

Мене лично ме заинтересира ова тврдење, па ги симнав моите податоци од Facebook да видам што истите содржат. Јас не можев да најдам листа со повици и SMS пораки, па не е јасно дали сепак немам овозможено одреден пристап или тоа беше периодот од две години кога користев Windows Phone ?.

Како и да е, очигледно е дека како корисници се повеќе информации оставаме на интернет, а посебно на Facebook, а од компанијата немаат проблем да тој наш однос максимално го искористат. Тие се разбира тврдат дека сите информации се користат за наше подобро искуство на мрежата, меѓутоа никогаш не знаеме кој и кога ќе може да ги злоупотреби тие податоци.

Од Facebook исто така излегоа со соопштение во кое негираат дека чувале вакви податоци, а истото конкретно се истакнува во новите верзии од Facebook Messenger и Facebook Lite, што е точно.

Во основа, доколку на апликациите од Facebook овозможите пристап до вашите контакти, што е потребно доколку сакате да можете да ги најдете, а не ви се пријатели на мрежата, овозможувате пристап и до дополнителни информации.

ИЗВОР 2Android Central
Претходна статијаПо 29-ти пат ќе се одржи Државен натпревар по информатика за основци и средношколци
Следна статијаКакви карактеристики ќе има средниот Huawei P20 модел
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.