Waymo е компанија која започна како проект во Google за развој на систем за автономни возила. По формирањето на Alphabet и издвојувањето на поголемите проекти како посебни компании, вклучувајќи ја и Google, Waymo доби шанса за посебен и подобар развој.

После повеќе години на тестирање, од овој месец жителите на Феникс, град во Аризона, САД, го добија првиот автономен такси сервис, Waymo One.

Waymo One се користи исто како и сите други слични сервиси. Корисниците инсталираат мобилна апликација, па преку истата го нарачуваат своето возење, наплата и слично. Главната разлика тука е што возилото кое доаѓа да ги пренесе патниците е автономно, а на вакви сервиси работат и конкурентите како Uber.

За почеток сепак, Waymo One е достапен само за жителите на Феникс кои учествувале во тест возењето изминатите години. Со тек на време се најавува дека сервисот ќе биде проширен и ќе им биде овозможен на пошироката јавност.

Исто така, во оваа фаза, Waymo One сервисот, иако целосно автономен, ќе вклучува е шофер кој е тука „за секој случај“. Тоа значи дека иако не се очекуваат никакви проблеми од технологијата, сепак доколку има потреба, шоферот е тука да реагира.

Автономните возила се иднината на превозот, а за почеток изгледа на јавниот превоз. На ова се разбира нема баш најдобро да реагираат таксистите и останатите шофери, меѓутоа верувам дека патниците ќе бираат да се возат во чист автомобил со автономен систем кој не може да се умори, да се нервира и слично.

Јас лично се надевам дека ќе видиме ваков сервис и во нашата земја, ако не порано, барем во наредните 10 години.

ИЗВОРWaymo
ИЗВОР 2Ars Technica
Претходна статијаКоментар на експериментот „како минувачи реагираат на насилство врз жена“
Следна статијаПразнична реклама од Microsoft за Surface Go – „iPad беше во ред кога имав 6 години“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.