И додека во Македонија се занимаваме со политика и бистриме што и како би требало да биде, земјите како Шведска иновираат нови начини на функционирање. Од пред некој ден, тие го пуштија во употреба првиот електрифициран пат што ќе ги напојува возилата кои се движат по него. Практично, ова се однесува на камиони и автомобили кои се опремени со алатка во вид на напојувачка рака (по изглед) која ја претставува конекцијата меѓу патот и возилото.

Шведската Транспортна Администрација планира да ја направи Шведска 100% независна од нафта и горива до крајот на 2050 година. Практично, со овој потег, тие ги прават првите чекори во таа насока. Засега, овој пат се протега помеѓу шведскиот аеродром и логистичката локација на истиот и со него тие го започнуваат својот план за електрифицирање на 20.000 км патишта низ земјата.

Тимот кој раководи со проектот проценува дека 20.000 километри шведски патишта би можеле да бидат електрифицирани за 80 милијарди SEK (шведска валута). Тоа се приближно 475 илјади американски долари или 385 илјади евра по километар. Станува збор за сериозни бројки. Сепак, ако ја свртиме работата од друга страна, долгорочните анализи и планирања посочуваат дека трошокот за електрифицирани патишта ќе се поврати за неколку години, бидејќи ќе се заштеди на трошоците за фосилни горива во однос на трошоците за електрична енергија. Плус, еднаш градиш, постојано користиш. Засега, планот изгледа генијално.

Можеби ќе се запрашате како изгледа имплементацијата? Дали електричната енергија постои на површината? Еве што одговори Ханс Сал, главен извршен директор на eRoadArland проектот (името на целиот проект за којшто зборуваме досега):

“Нема електрична енергија на површината. Постојат две траки и дупка во патот. Во дупката, околу пет или шест сантиметри надолу е местото од каде што се црпи електричната енергија”, изјави тој. “Но, ако го поплавите патот со солена вода, да речеме, тогаш откривме дека нивото на електрична енергија на површината е само еден волт. Со таа волтажа, можете да одите по патот боси.”

Па, ова е тоа што го нарекуваме добар проект за инфраструктура! Во меѓувреме, ние сме далеку од вакво нешто. Да се надеваме дека ќе послужи ко пример ✌

Претходна статијаSamsung Galaxy S9 први импресии – Искушение на кое е тешко да се одолее
Следна статијаВторо издание на средношколскиот „Конект Фестивал“ од 23-ти до 28-ми април