И покрај тоа што жените денес се рамноправни во сите сегменти на општественото живеење, сепак борбата за економска, социјална и општествена рамноправност е континуирана и непрекината. За жал, еден од стереотипите што сѐ уште е присутен, е дека жените се лоши и небезбедни возачи. 

Статистиката покажува дека жените помалку страдаат во сообраќајни незгоди и помалку предизвикуваат сообраќајни незгоди со фатални последици. Жените повеќе ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, повеќе ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, повеќе внимаваат на ранливите групи учесници во сообраќајот, не поминуваат на црвено, не возат под дејство на алкохол итн.

Исклучоци секако постојат, негативни примери има многу и не може да се каже дека жените се совршени возачи, но секое тврдење по автоматизам дека жените се лоши и небезбедни возачи е еднакво неоправдано, како и тврдењето дека жените се совршени возачи.

Не можеме и не смееме да ги делиме возачите по пол и врз основа на тоа да носиме заклучоци дали некоја група возачи се совршени или лоши и небезбедни. Секој учесник во сообраќајот носи лична одговорност за своето поведение во сообраќајот. Безбедноста во сообраќајот е сериозна проблематика која не дозволува родови и полови разлики и учесниците не можат да се поделат на машки и женски туку само на совесни и несовесни.

Секое генерализирање на работите и носење општи заклучоци што не се поткрепени со факти е апсолутно неоправдано, неиздржано и погрешно. Во таа насока, РСБСП потенцира дека секоја генерализација и сите стереотипи за жените-возачи се неоправдани и погрешни.

Жените се активни и рамноправни учесници во сообраќајот. Освен како пешаци и велосипедисти, денес, сѐ поголем број жени, активно учествуваат во сообраќајот и како возачи на моторни возила и како мотоциклисти, а некои од нив и како професионални возачи. Ако пред дваесетина години жените претставувале само незначителен процент од возачите, денес таа бројка се доближува до 50%.

Жените покажуваат високо ниво на свесност и одговорност за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Согласно тоа, не само како возачи, жените постојано се грижат и советуваат за безбедноста во сообраќајот и во улога на родители, учители, пријатели.

„Вози внимателно и јави се кога ќе стигнеш!“, „Стави појас да не те мислам!“, „Вози полека и чувај се!“, „Немој да пиеш, не заборавај дека возиш!“, „Чувај се, очите да ти бидат четири отворени кога возиш!“, „Немој да зборуваш на телефон кога возиш!“ и многу други познати реченици на сите нас.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на сите припаднички на понежниот пол им го честита денот на жената, 8 март и во име на сите учесници во сообраќајот, им изразува благодарност за нивната грижа за безбеден сообраќај. Истовремено, РСБСП ги поддржува жените како рамноправни учесници во сообраќајот и ги поддржува во борбата против стереотипите за жените како лоши и небезбедни возачи.

По повод 8 Март, во Скопје Сити мол, РСБСП ќе организира јавен сообраќајно-едукативен настан посветен на улогата и важноста на жената во процесот на подобрување на безбедноста во сообраќајот на патиштата. Настанот ќе биде поддржан од јавни личности и ќе опфати повеќе креативни сообраќајно-едукативни активности.

Претходна статијаФустан од смартфони на модната недела во Париз
Следна статијаНовата визија на Фејсбук и пазарната дисциплина