Nuro
Media: Nuro

Компанијата Nuro сака да воведе револуција во индустријата на автономни возила. Проектот зад кој стојат двајца поранешни инженери од Google, е насочен кон малку поинаков принцип на автономно управување на возила.

Нивниот главен фокус се сервиси за достава, одсносно она што популарно во индустријата се нарекува „последен километар“(last mile). Тука примарно се мисли на локалните испораки на секојдневни, комерцијални добра. Со тоа тие веруваат дека ќе се намали сообраќајниот метеж и ќе се подобри безбедноста во сообраќајот.

Порастот на е-пазарот и воопшто е-пазарувањето од година во година неверојатно ја зголемува побарувачката за испорака на производите. Особен предизвик за компаниите е токму последниот километар до домот на купувачот. Ниту една компанија се уште нема смислено совршен modus operandi за овој проблем. Првата која ќе успее ќе го собере „кајмакот“, па затоа не чуди што сѐ поголем број компании се приклучува во трката.

Конкуренцијата се занимава со приспособување на веќе постоечки возила за оваа намена. Но, во Nuro имаат сосема различен пристап кон проблемот. Нивните дизајнери изработија проект кој одговара на проблемите кои доаѓаат со новата улога на овие возила. Она што од компанијата го претставија воопшто не делува како комерцијален автомобил. Подобро кажано се работи за „куфер“ на тркала. Она што на прв поглед делува како рачка на „куферот“, всушност е делот во кој ќе бидат сместени сензорите. Попрецизно, LIDAR технологијата, камери и друг вид на сензори за навигација. Интересно да се забележи е отсуството на традиционалниот ентериер на едно возило. Од тука може да се забележи дека овој дизајн е максимално посветен на својата намена и тука нема ништо случајно.

Според димензиите Nuro R1, како што за сега е именуван, не се разликува премногу од обичен традиционален автомобил. Меѓутоа лесно е да се забележи дека се работи за нешто поинакво. Компанијата доби дозвола за тестирање, а истите се очекува да почнат во текот на годинава. Единствениот проблем ќе биде добивање дозвола за тест на вистински патишта, со оглед на тоа што возилото воопшто нема капацитет да прими, ниту пак да биде контролирано од човек.

Проектот е далеку од својот финален изглед и пред себе има уште голем број предизвици за надминување. Меѓутоа она што влева надеж е тоа што некој конечно сериозно ја сфатил проблематиката и решил комплетно од 0 да дизајнира и конструира возило за конкретната намена. Можеби иднината изгледа токму така. Со автономни „куферчиња“ кои разнесуваат намирници директно до вашиот дом.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Recode
Претходна статијаQpick ја лансира првата мобилна апликација за паметен шопинг
Следна статијаMagic Leap во партнерство со NBA ќе донесе гледање на виртуелни натпревари