Познатиот производител на автомобили Chevrolet најави дека од идната година ќе им овозможи на родителите да бидат посигурни дека нивните деца ќе го стават појасот во автомобилот. Тоа ќе го направат преку нов систем којшто нема да дозволи палење на автомобилот доколку појасот не е ставен.
Начинот на којшто ќе работи овој систем е преку посебен клуч којшто ќе вклучува одредени функции на автомобилот. Тоа значи дека родителите можат да им го даваат овој клуч на своите деца тинејџери и со тоа да добијат одредена сигурност за нивната безбедност.
Исто така, овој систем го исклучува звукот на радиото додека појасот не биде поставен, а ова е нешто што веќе е дел и од постојните модели од Chevrolet.
Интересен систем којшто се прашуваме како ќе функционира, а посебно кај тинејџерите. Познато е дека кај нас голем дел од возачите на автомобил кој има аларм доколку појасот не е ставен, купуваат додатни приклучоци за да ги стават на местото каде се става појасот, па да не мора навистина да го стават.
Овој систем делува дека исто така лесно може да биде „изигран“, но сепак, работата е во процентите, па сигурно кај одреден процент ќе направи реална разлика.