Темна тема на оперативните системи, темна тема на апликациите. Ова е нешто што е доста популарно изминатиот период, односно доста барано и користено од страна на корисниците.

YouTube има можност за темна тема уште од минатата година на десктоп, а истата стана достапна за корисниците на iOS уште од март оваа година. Што беше „проблемот“ со Android не е познато, па оваа можност почна да станува достапна во јули, меѓутоа испадна после само за помал број на корисници.

Сега конечно темната тема може да ја вклучат сите корисниците на YouTube апликацијата на Android, а според информациите, доколку тоа веднаш не е можно, ќе треба да причекате да ви се ажурира апликацијата, а можно е да треба и да ја исклучите целосно апликацијата, па повторно да се обидете.

Како и да е, процесот е почнат, па може да очекувате достапност наскоро. Вклучувањето на темната тема, доколку самата апликација не ви го предложи истото, се прави преку притискање на иконата со вашата слика во горниот десен агол, па на Settings > General. Тука треба да е достапна опцијата каде што може да се вклучи и исклучи.

Иако темните теми се популарни на повеќе апликации, може да се каже дека за апликација како YouTube тие се и скоро неопходни. Гледањето на видео содржина секогаш е подобро кога околните елементи на корисничкиот интерфејс се темни и не привлекуваат повеќе внимание од видеото.