Почнувајќи од оваа недела, корисниците на WhatsApp во целиот свет ќе имаат ограничување на бројот на тоа колку пати една порака може да биде препратена кај други корисници, вклучувајќи и групи.

Бројката на која ќе бидат ограничени корисниците е 5, што е намалување од досегашното ограничување од 20 кое исто така беше воведено не толку одамна.

Причината за воведувањето на вакви ограничувања, кои прво беа воведени во одредени земји, е пораст на бројот на случаеви каде WhatsApp се користи за масовно пренесување на дезинформации и гласини.

Ова има доведено до убиства и линчувања во Индија, а има сомневања дека пораките со лажни информации имаат значително влијаено на изборните резултати во Бразил.

Ограничувањето на можноста за препраќање на пораките нема да го реши истакнатиот проблем, посебно ако се земе во предвид дека групите можат да имаат до 256 членови, а една порака може да биде препратена до 5 пати, односно 5 групи.

Сепак, брзото и масовно пренесување на информации на огромен број на луѓе, сигурно ќе стане потешко, па иако проблемот на може да се реши целосно, сигурно ќе им се отежне работата на тие кои сакаат да пренесуваат лажни информации.

Тука секако треба да се земе во предвид дека не секогаш масовно пренесуваните информации се лажни, а често се доведува во прашање и кој е тој што ќе одлучи дали нешто е лажно. Тоа значи дека ова ограничување потенцијално може да претставува и проблем кога ќе треба да се пренесат одредени точни и важни информации.

Инаку, една од причините поради кои WhatsApp се користи за пренесување на вакви информации е шифрирањето кое се користи за пораките, шифрирање кое ги оневозможува дури и од компанијата да ја видат комуникацијата помеѓу корисниците.

ИЗВОРReuters
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаПоддршката за Windows 10 Mobile официјално завршува на 10 декември 2019
Следна статијаПар интелектуалци што вреди да ги следите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.