SweatoCoin

Фитнес апликациите не се новина на пазарот. Сигурно сте виделе најразноразни објави на апликации по друштвените мрежи каде се испишува колку километри извозел некој ваш пријател во текот на дента. Можеби дури и вие самите располагате со фабрички вградена апликација која ви ги брои чекорите и бројот на потрошени калории на дневно ниво.

Работата е дека во време на динамичен живот, ретко кој успева навистина да води грижа за телото преку консумирање на здрава храна и континуирано вежбање. Токму оттука доаѓа и успехот на ваквите апликации, чија главна цел е да не’ поттикнат да водиме повеќе грижа за себе и нашето здравје. Меѓу нив е и SweatCoin.

Тогаш, во што се разликува оваа апликација? Кога првпат слушнав за неа, односно дознав дека постои нешто што те поттикнува да слабееш, така што ти исплаќа пари во нивна криптовалута наречена sweat coin, бев нешто во стилот “сигурно има некоја финта тука, нема шанси да функционира ова во пракса”. Можеби е во прашање балкански менталитет, но навистина, кој е бизнис моделот на апликацијата? Зошто би им се исплатело да исплаќаат пари во криптовалути? Најинтересно е што нивната криптовалута може да ја замените за вистински биткоини. Навистина неверојатно.

SweatCoin, вежбање

Еве како функционира. SweatCoin има сензори со чија помош ги брои вашите чекори и зависно од тоа колку ќе поминете, добивате одреден број на поени или sweat coins со кои може да си купите Fitbit следач, фитнес часови или да си овозможите бесплатен subscribe на други апликации кои можат да ги надополнат функционалностите на SweatCoin. Пример, апликации за подобра исхрана да речеме и слично. Она што е многу важно е апликацијата да биде постојано активна, за да може да ги брои активностите и да води евиденција за тоа колку криптовалути треба да ви исплати.

Е, сега, има тука еден интересен момент: не се бројат баш сите чекори. Апликацијата работи со мапа и со нејзина помош одредува кога сте внатре, а кога надвор, па ви ги брои само активностите што ќе ги направите вон својот дом. Практично, со овој чекор ве поттикнува да излезете надвор и да бидете физички активни, бидејќи реално: што фајде од чекорите кои ги правите дома? Искрено, не знам како би се справиле со тоа некој да се обиде да ги измами и да го закачи телефонот на куче или било што што се движи, за да „фарма“ чекори, ама тоа оставам на вас да истражите :).

Впрочем, тоа можеби и не е толку тешко да се провери. Засега, нема официјално механизам кој би се справувал со ваквите ситуации, но да речеме, ако вие сте оној кој ја смислил апликацијата, сигурно можете да се сетите на разни начини и трикови за лажна активност (кога некој друг ја работи работата за вас), да правите експерименти, да генерирате податочни множества од истите и секако, да ги искористите за да го тренирате алгоритмот да има превенција во такви случаи. Интересно нели?

Покрај поените, SweatCoin е гејмифицирана и на друг начин: постојат одредени категории, зависно од тоа до кое ниво сте стигнале. Започнувате со Mover, што е најосновната титула, меѓутоа зависно како напредувате, можете да освоите и други беџови и паралелно, повеќе поени и повеќе заработени sweat coin – и.

Па, тоа е тоа дечки, имате линкови до апликацијата во рамките на текстов, така што побрзајте да ја инсталирате и споделете со нас во коментар што мислите или какво искуство сте имале.

А сега, право на вежбање.

Претходна статијаIntel Tiger Rapids е концепт уред со двоен екран, едниот направен во e-ink технологија
Следна статијаЛегендарниот Yahoo Messenger престанува со работа на 17-ти јули