За време на својата WWDC 2019 конференција, Apple ги потврди шпекулациите и претпоставките дека ја откажува iTunes апликацијата, односно истата веќе нема да биде достапна почнувајќи од наредната верзија на macOS, која беше најавена на оваа конференција.

macOS Catalina ќе стане достапен од оваа есен, па Apple објави уште сега посебна страна преку која ги објаснува промените кои доаѓаат со iTunes и што е тоа што корисниците може да го очекуваат.

Во основа, промените нема да им направат голема разлика на корисниците, а посебно доколку iTunes ја имаат користено за една работа, на пример за музика.

Оваа апликација, како што се очекуваше, сега ќе биде заменета со неколку нови апликации кои ќе бидат специјализирани, секоја во својата област.

Така, достапната музика од iTunes, како и сите плејлисти и слични прилагодувања на корисниците, ќе бидат достапни во новата Apple Music апликација. Тие ќе можат дури да продолжат да купуваат нова музика преку достапната iTunes Store во самата апликација.

Сепак, Apple Music е повеќе замислена за претплата преку која се достапни сите песни за стриминг.

Гледањето и изнајмувањето на филмска содржина од iTunes преминува на Apple TV, а тие кои ја имаат користено апликацијата за подкасти, тоа сега ќе можат да го направат преку новата Apple Podcasts апликација.

Главното прашање кое можеби останува, со оглед дека замената на iTunes со новите апликации е прилично јасна и очигледна, е што ќе се случи со синхронизацијата на iPhone и iPad уредите, нешто што досега се правеше преку iTunes.

Оваа функција на iTunes се префрлува на Finder, што можеби е и повеќе интуитивна и логична локација. Кога корисниците ќе го поврзат својот уред, сите досегашни можности за работа со него се достапни во Finder апликацијата, а уредот ќе биде прикажан на лентата од лево, како и останатите дискови и други локации.

Оставете коментар