snapchat-1360003_640

Можеби оваа информација за повеќето корисници не е нешто посебно важна, користејќи ги своите Android и iOS уреди кои нудат огромен избор на апликации. Меѓутоа, за фановите на Windows, сигурно вака е и поинтересно. Тие цело време чекаат, па некогаш и добиваат по некоја нова апликација која дотогаш не била достапна на оваа платформа со мал процент на корисници.

Проблемот со достапноста на апликации на Windows 10, поточно на мобилната верзија, е интересен феномен кој најдобро може да се објасни со „кокошката или јајцето“ логиката. Бројот на корисници, покрај другите фактори, е мал поради малиот избор на апликации, а во исто време, бројот на апликации е мал баш поради малиот број на корисници.

Поради тоа од Microsoft често работат со програмерите на познати апликации и им помагаат да ги донесат своите апликации на Windows 10 платформата. Тоа е доста олеснето со достапноста на алатки кои овозможуваат мала промена на кодот на апликацијата од друга платформа, по што истата може да работи на Windows 10.

На оваа платформа веќе се достапни апликации како Facebook, Instagram и слични, па останува надежта дека сепак недостатокот на апликации нема да остане проблем уште многу време.

Најновата апликација за којашто излезе информација дека најверојатно ќе стане официјално достапна на Windows 10 е Snapchat. Овој сервис корисниците на платформата веќе може да го користат преку неофицијални апликации.

Информацијата доаѓа од одговор на прашање од корисник на шпанската Lumia Twitter сметка, каде што се истакнува дека од компанијата работат со Snapchat за донесување на апликацијата наскоро.

Повеќе информации околу ова нема, а исто така двете компании не сакаат да ги потврдат или негираат тврдењата. Сето ова може да испадне дека не е точно, но следењето на ваквите случувања и една од предностите на користењето на ваква платформа, се разбира доколку сакате да ги поминувате деновите во неизвесност.

Инаку, Snapchat е една од најпопуларните апликации, а посебно кај младите која според статистиките во изминатиот период има повеќе дневни корисници од Twitter.

Извор: TechnoBuffalo, Memeburn

Претходна статијаApple патент за камера која може да забрани да го снимате концертот на некој бенд со iPhone
Следна статијаСтотици гени се активираат по смртта, откриваат научниците
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.