Шифрирање на комуникацијата, односно користење на таканаречената end-to-end encryption, е дел веќе од повеќето познати апликации за разговори. Некои од нив имаат вклучено шифрирање на сите разговори без можност за избор од страна на корисникот, додека други вклучуваат можност за корисниците самите да вклучат посебен шифриран разговор.

Популарноста на оваа можност стана значително поголема по сознанијата од страна на Едвард Сноуден и други, за тоа дека властите во светот немаат проблем да ја следат комуникацијата на корисниците, без разлика дали се работи за основана или неоснована активност.

Skype од овој месец се приклучува на останатите нудејќи им можност на корисниците да водат посебен, шифриран разговор со своите контакти. Кога ќе се вклучи шифрираниот разговор, покрај пораките, шифрирани се и повиците.

Започнување на шифриран разговор се прави на два начини. Едниот е преку притискање на името на веќе започнат разговор, односно влегување во информациите за контактот со којшто се разговара, каде што сега е достапна е опцијата да се започне приватен разговор. Втората можност е преку притискање на копчето за започнување на нов разговор, каде исто така може да се избере тој да биде приватен.

Приватен, односно шифриран разговор може да се прави само од еден уред во исто време, што значи дека започнат разговор на десктоп, на пример, не може да се продолжи на мобилен, па мора да се започне нов и посебен приватен разговор.

Според информациите на почетокот од годината, кога од Skype започнаа со тестирање на оваа функција, тие го користат познатиот Signal Protocol од Open Wisper Systems кои стојат зад развојот на апликацијата за шифрирани разговори Signal, која важи за една од најбезбедните.

Инаку, она што треба да го овозможат шифрираните разговори е приватност која значи дека никој, па дури и Skype не може да ја види или слушне содржината на разговорите, а тоа може да го направат само двата корисници кои разговараат.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаМлади и талентирани ученици редат успеси на натпревари по информатика низ Европа
Следна статијаМожноста за откажување на пратена порака стана достапна на Gmail за Android
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.