Пред извесен период пишувавме за забраната за овозможување употреба на апликацијата за разговори Телеграм. Одлуката на судот во Русија, беше контроверзна по повеќе основи и претставуваше удар за слободниот говор ширум светот.

Како и секогаш, изговорите кои се употребуваат за сузбивање на енкрипција и приватноста на електронските комуникации се поврзани со „безбедност“ и „спречување на тероризам“. Меѓутоа, како што покажа примерот со Телеграм, и други (читај: бизнис) интереси се во игра.

Она што деновиве е актуелно претставува уште еден синџир во низата удари за безбедните “chat” апликации кои ги користат милиони корисници кои ја ценат својата, а и приватноста на своите соговорници.

Имено, Amazon Web Services (AWS) неодамна им се закани на Сигнал дека ќе ја отстрани апликацијата од своите сервери ако не престане со примена на т.н. “domain fronting” – маскирање на името на домејнот со цел избегнување на цензура. Оваа тактика се употребува особено во авторитарни режими кои имаат проблем со слободната комуникација помеѓу граѓаните.

Египет, Оман, Катар и други земји (овде може да прочитате повеќе за тоа како арапските земји се справуваат со Телеграм, Сигнал и низа други апликации) повеќе пати се обидувале да ја забранат употребата на Сигнал на својата територија. Оттаму, Сигнал се обидувале да се снајдат со ова на начин на кој најдобро знаат: примена на технолошки “workarounds”.

Амазон не е првата компанија која има проблем со оваа „тактика“. Претходно, Гугл забрани “domain fronting” и почна да ги отстранува услугите кои го прават истото.

Од една страна, тоа е разбирливо. Технолошките гиганти не сакаат да си имаат работа со нелегални организации или групи кои сакаат да вршат терористички чинови. Меѓутоа, проблемот се јавува кога истите провизорно забрануваат користење на безбедни апликации.

На тој начин, тие не ја зголемуваат безбедноста на своите корисници. Всушност, приморувајќи ги да ги користат апликациите кои се полни со безбедносни пропусти (Фејсбук, Вибер и др.), ги прават помалку безбедни.