Едно мора да се признае. Opera можеби веќе ја нема популарноста како порано, но дефинитивно не престанува да се обидува да се издвои на пазарот. Некогаш можеби и збунувачки, Opera има неколку верзии како за десктоп, така и за мобилните, а од компанијата на тој начин и тестираат накои функции кои не ги ставаат во главниот прелистувач.

Најновиот член на Opera прелистувачите е Opera GX и овој пат тој е наменет за „гејмерите“ кои сакаат нешто поголема контрола над потрошувачката на ресурси од страна на прелистувачот, како и уште неколку уникатни функции само за овие корисници.

Првата реакција кога го видов прелистувачот ми беше, зошто? Дали гејмерите ќе се заинтересираат само затоа што од Opera викаат дека е за нив и ставиле различна боја и можност за контрола на ресурсите. Сепак, по мало разгледување мислам дека овој прелистувач може да им биде интересен покрај на гејмерите и на „напредните“ корисници кои сакаат да ги имаат некои од можностите на GX.

Opera GX има темна тема, односно главниот кориснички интерфејс е со темна боја, без разлика дали е избрана темната тема на оперативниот систем. Околу табовите и дел од краевите на прелистувачот е поставена боја, колку една линија, а корисниците ќе можат да ја менуваат оваа боја, како и позадината на главната страна.

Главната карактеристика на Opera GX е можноста за ограничување на потрошувачката на процесорска моќ и RAM меморија. Истото се прави на две нивоа, односно ограничување кое може да биде поминато поради задржување на корисничкото искуство во моментот, како и строго кое ќе ги ограничи ресурсите на сметка на сурфањето.

Целта на ова е да гејмерите секогаш може да го држат отворен својот прелистувач без да се грижат дека тој ќе им ги „земе“ потребните RAM меморија и процесор за играта која ја играат.

Покрај ова, Opera GX на главната страна прикажува новости поврзани со гејминг индустријата, како и ИТ индустријата, а на левата страна, лентата има интеграција со Twitch, како што обичниот Opera има со WhatsApp, Messenger и Telegram. Овие интеграции се достапни и во GX верзијата.

Opera GX има и звучни ефекти кои може да се вклучат, а тука се и останатите функции достапни за Opera корисниците, како VPN, блокирање на реклами и слично.

Функција која се најавува за идните верзии од Opera GX е можноста за гледање на видео во „pop-up“ прозорец, како што тоа и сега може, но врз играта која се игра во моментот на целиот екран.

Opera GX можете да го симнете на овој линк.

ИЗВОРOpera
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаFirefox доби ново лого кое го претставува времето на повеќе сервиси, покрај прелистувачот
Следна статијаОбјавени првите неофицијални „рендери“ од Galaxy Note 10 Pro
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.