Иако дури ни Mozilla чиј Firefox е на далечното второ место не може да му конкурира на Chrome, сепак Opera не се даваат и продолжуваат да воведуваат функции на нивниот прелистувач кој го прават повеќе привлечен за корисниците.
Најновата функција е во правец на трендот на воведување на функции кои се поврзани со приватноста на корисниците, поради сознанијата колку истата е загрозена во денешно време.
Тоа значи дека покрај можноста за блокирање на рекламите, односно нивното прикажување, Opera сега добива можноста и за блокирање на тракерите кои обично се поврзани со рекламите.
Овие тракери го следат сурфањето на корисникот и кога не е на страната каде е прикажана рекламата, по што креираат профил за подобро прикажување на реклами. Ова можеби не е толку голем проблем кога се работи само за реклами, но искуството со Facebook покажа дека дата бази со информации од корисници, многу лесно може да се злоупотребат.
Како и другите прелистувачи кои нудат блокирање на тракери, така и Opera тоа го прави врз основа на листа која во овој случај е направена од страна на EasyPrivacy. За споредба, во Firefox се користи листата од Disconnect.