screen_shot_spartan

Веќе неколку пати можевме да прочитаме за тоа дека Microsoft спрема посериозни промени во Internet Explorer за неговата верзија која што ќе биде достапна со Windows 10. Шпекулациите информираат и дека наместо нова верзија од IE, можно е претставување на целосно нов прелистувач. Microsoft се’ уште нема дадено било каква информација околу ова, па се надеваме дека тоа ќе го направи на настанот кој што го одржува на крајот од овој месец.

Името кое што се споменува во неофицијалните информации е Spartan, меѓутоа ова најверојатно е само кодно име кое што се користи внатре во компанијата.

Оваа недела веќе беа достапни слики за кои што се тврдеше дека се од Spartan, меѓутоа тие изгледаа толку лошо, што шансите се мали да се вистински. Тоа го тврдат и од Neowin, порталот кој што ги има пуштено денешните слики. Овој портал се смета за посериозен извор кога се работи за информации од Microsoft, па сликите може да се сметаат прилично сигурни.

Од сликите може да се види дека прелистувачот ќе го има неофицијално најавениот кориснички интерфејс кој што е еден вид на комбинација на Firefox и Chrome. Направен е да изгледа како било кој од другите модерни прелистувачи. Сепак главната новина која што се очекува е поддршката за додатоци како кај другите прелистувачи, нешто што треба да го направи многу покорисен прелистувачот, без разлика како ќе се вика.

Монтажа од сликите направена од Neowin
Монтажа од сликите направена од Neowin

Корисничкиот интерфејс на Spartan вклучува табови во правоаголна форма поставени над лентата за адреси. На левата страна од оваа лента се поставени копчињата за back, forward и refresh. Интересно и корисно е додавањето на reading mode, барем од тоа што може да се види на сликата. На десната страна од лентата се поставени две копчиња, едното за споделување и другото во форма на папка, меѓутоа не е познато за што служи. На крајот стои менито на прелистувачот кое што е прикажано минималистички со три точки, нешто што е и карактеристично за модерниот дизајн користен во Windows 8 и Windows Phone.

Промените на прелистувачот од Microsoft се очекуваат во главно на неговиот изглед и функции, меѓутоа технологиите кои што се користат во позадина, се очекува да останат истите од Internet Explorer. Тоа може да биде и добра работа, IE сепак е одличен прелистувач кога се работи за брзината. Исто така, пазарот ќе добие уште еден прелистувач кој што корисниците реално ќе го користат.

Извор: Neowin, Windows Central

Претходна статијаApple патентира концепт за свитлив телефон
Следна статијаLenovo Yoga Tablet 2 со AnyPen технологија овозможува пишување со било кој предмет
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.