Одамна немаме пишувано за одличниот Mozilla Thunderbird којшто долго време порано беше нашиот главен имејл десктоп клиент, пред да се префрлиме целосно на Microsoft Outlook. Причината за тоа е што развојот на Thunderbird не продолжи во темпото кое беше порано, а едно време се размислуваше дури и за неговото откажување.

Сепак, одлично е што Mozilla не се реши за тој потег, а оваа недела ја пуштија и верзија 60 од Thunderbird која што го прави повеќе во линија со другиот и повеќе познат проект од организацијата, Firefox.

Прво што може да се забележи во новата верзија од Thunderbird е имплементацијата на новиот Photon дизајн којшто е дел од Firefox почнувајќи од 57-та верзија, односно од ноември минатата година. Овој нов дизајн покрај генералното освежување на целиот кориснички интерфејс, најмногу очигледно донесува квадратни табови, односно тие веќе не се заоблени на краевите, а тука е и можноста да се исклучи делот со насловот на прозорот, со што се добива повеќе простор за апликацијата.

Mozilla Thunderbird 60 исто така добива ново лого кое е направено да биде во правец на новиот дизајн, односно во правецот во којшто е направено логото на Firefox.

Покрај визуелните промени, Thunderbird 60 доаѓа и со нови и подобрени функционалности, како што се на пример:

  • Подобрување во работата со прикачени датотеки на кои сега може да им се менува редоследот, подобра поставеност на „Attach“ копчето и повеќе
  • Подобрување во работата со настани во календарот како што е можноста за копирање, сечење и бришење на настаните, можност за гледање на локациите и повеќе
  • Копче за бришење на примач на пораката
  • Светла и темна тема

Целосната листа на промени која не е мала можете да ја видите на официјална страна преку следниот линк од каде можете и да ја симнете најновата верзија од Thunderbird, а истата не може само да се ажурира од постара.

ИЗВОРMozilla
ИЗВОР 2TechRadar
Претходна статијаFacebook ќе ја прилагоди лентата за навигација во нивната апликација на секој корисник посебно
Следна статијаДали смееме да учествуваме во ICOs?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.