Манипулациите за време на изборите не се нешто ново. Ретко кој им верува на политичарите дека ја кажуваат вистината, а посебно за време на изборите кога кажуваат се и сешто, само да ги добијат гласовите на избирачите.

Во денешно време политичарите имаат уште една алатка во процесот на „убедување“ на гласачите, а тоа се разбира се друштвените мрежи.

Начинот на којшто овие мрежи може да се искористат за време на изборите е преку таргетирање на гласачите со рекламите врз основа на интересите кои друштвените мрежи ги имаат точно одредено за своите корисници. Кога на тоа ќе се додаде и фактот дека Facebook ги „следи“ своите корисници и надвор од нивната мрежа, односно знае кои други веб страни ги посетуваат, многу лесно потоа може да се изгради „досие“ за интересите на корисниците. Тоа можевме да видиме како функционира во случајот со Cambridge Analytica.

Mozilla ќе се концентрира токму на овој дел од интернет мрежата во обидот да го намали манипулирањето за време на изборите. Со други зборови, од компанијата ќе се обидат да направат да Facebook помалку знае за своите корисници, но и да ги информира повеќе, преку две екстензии за својот интернет прелистувач Firefox.

Екстензиите се, веќе за нас познатата Firefox Facebook Container, како и ProPublica Facebook Political Ad Collector.

Тоа што го прави првата екстензија е еден вид изолирање на Facebook од остатокот од веб страните. На тој начин, кога корисникот сурфа по интернет, Facebook веќе не може да го следи тоа сурфање, па остануваат само информациите за корисникот на сопствената мрежа.

ProPublica Facebook Political Ad Collector екстензијата ги собира рекламите коишто корисникот ги гледа на мрежата и ги споредува со нивната дата база на реклами. Оваа дата база е оценувана од страна на новинари и други експерти, па се добива претстава што гледа еден корисник.

За „возврат“, корисникот добива пристап до реклами коишто на него обично не би му биле прикажани, па со тоа добива пристап до повеќе информации од повеќе страни, со што теоретски, треба да биде многу повеќе информиран за политичката кампања.