Од вчера официјално стана достапна финалната верзија од Firefox 60 за сите поддржани платформи, односно за Windows, Linux, macOS и Android. Како обично, Android верзијата доцни неколку дена, па доколку сте корисник на Firefox на оваа платформа, ќе треба да причекате уште некој ден.

Главната новина во оваа верзија е поддршка за најавениот нов стандард којшто во иднина ќе овозможи најавување на веб сервисите без потреба од внесување на лозинка. Стандардот е развиена од страна на W3C и FIDO Alliance, а е наречен WebAuth, односно Web Authentication.

Во основа, WebAuth ќе овозможи да сопствениците на онлајн сервиси овозможат најавување на истите без внесување на лозинка, туку преку користење на USB клуч или биометриска автентикација како што е отисок од прст, скен на лицето или окото.

Овој начин на најавување веќе е достапен за одредени сервиси, меѓутоа од поголемите компании како Google, па она што треба да овозможи WebAuth е многу помасовно користење на овој начин на автентикација. Тоа е така поради тоа што ова решение ќе им биде достапно на сите кои немаат ресурси да развијат сопствено решение, а тоа се поголемиот број на онлајн сервиси.

Firefox 60 исто така станува наредната ESR верзија, односно верзија со продолжена поддршка (Extended Support Release). ESR верзија е во главно наменета за компаниите кои не ги интересираат сите новини кои Mozilla ги вградува во својот прелистувач, па оваа верзија само добива сигурносни надградби подолго време.

Она што може да им направи проблем на компаниите е што Firefox од 57-та верзија направи значителни промени, меѓу другото воведување на целосно нов систем за додатоци. Доколку некоја компанија користи додатоци кои се’ уште не се преработени со новиот систем и со тоа не се достапни во поновите верзии од Firefox, тие нема да можат веќе да ги користат доколку се префрлат на оваа верзија.

Друга новина во оваа верзија е прикажувањето на спонзорирани статии во делот кој се прикажува при отворање на нов таб. Оваа новина сега е ограничена само за корисниците во САД, а тие ќе можат исто така да ја исклучат.

Спонзорираните статии ќе се прикажуваат преку Pocket сервисот за зачувување на линкови од веб, сервис кој Mozilla го купи пред одреден период.

Делот кој се прикажува при отворање на нов таб исто така добива подобрување во начинот на којшто се прикажува содржината на овој дел. Поточно, тој е сега прилагоден за корисниците со поголеми екран, односно прикажува повеќе содржина со цел да се исполни достапниот простор.

Firefox 60 исто така е важна верзија за Android. Конечно верзијата од прелистувачот за оваа платформа го добива Quantum CSS системот кој ќе овозможи побрзо рендерирање на страните исто како што тоа е случајот со десктоп верзијата. Ова е важно зошто по воведување на Quantum на десктоп, Firefox е значително побрз од претходните верзии, па сега истото може да се каже и за Android верзијата.

Доколку сакате да ја видите деталната листа на сите новини, истото можете да го направите преку следниот линк.

Претходна статијаКоментар на ставот на НБРМ дека е рано за блокчеин
Следна статијаAndroid P – Драстични промени, навигација со гестикулации, вештачка интелигенција и многу повеќе
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.