Microsoft преку Medium платформата ги претстави новите икони за нивниот Office пакет на апликации и сервиси, но овој стил ќе се користи и за останатите и поврзани апликации. Истите ќе станат достапни на сите платформи каде се достапни апликациите, како и на веб, во месеците што следат.

Новите икони дефинитивно може да се каже дека изгледаат многу подобро од досегашните. Истите имаат нешто посветли бои, а променет е начинот на којшто се поставени буквата од апликацијата и иконата која треба да асоцира за која апликација се работи.

За разлика од досегашниот дизајн на иконите, сега делот којшто покажува за која апликација се работи е поголем и повеќе истакнат. Па така, доколку ја гледате иконата од Excel, повеќе забележлив ќе биде делот којшто асоцира на табелите од оваа апликација.

Инаку, последниот редизајн на иконите на Office апликациите беше пред 5 години, што иако не делува како толку одамна, сепак дизајн стилот и трендот не е малку променет. Овие нови икони може слободно да се каже дека целосно се направени во модерен стил и го претставуваат развојот на сервисот.