Microsoft изминатата недела најави дека планира да воведе одредени промени кај своите Office програми, односно кај Word, Excel, PowerPoint и Outlook, а истите ќе бидат применети и кај веб верзиите од истите.

Главната промена ќе биде направена на познатата лента на горниот дел од програмите. Ја нарекуваме позната, од една страна поради тоа што беше уникатна кога за првпат беше претставена и стана еден вид на карактеристична за Office. Од друга страна, главната популарност ја доби поради големиот број на критики кои корисниците ги имаа по промената на стандардниот Office стил на програмите.

Оваа лента со промените ќе биде поедноставена. Тоа значи дека ќе го прикажува само првиот ред на информации, односно информациите кои корисниците најчесто ги користат, кои се доволно помалку од сите тие икони прикажани моментално на лентата.

Корисниците кои сепак ги користат и сакаат да ги имаат на дофат сите икони, можат со еден клик да ја „прошират“ лентата и да ја вратат во состојбата во која моментално е стандардна.

Интересно е што лентата и сега има можност да се намали, меѓутоа целосно ја снемува, па тоа иако е добро доколку целта е да се стави целосен акцент на содржината, сепак јас би прашал зошто ова што сега го воведуваат од Microsoft, не беше воведено и порано.

Промените во изгледот, покрај намалувањето на лентата, ќе вклучуваат и нови икони, бои и анимации при промена на секциите од лентата. Овие промени ќе бидат во правец на Fluent дизајнот којшто Microsoft го воведува веќе одреден период на Windows 10, па Office програмите ќе добијат и помодерен кориснички интерфејс.

Од компанијата најавија дека воведуваат и промени во системот за пребарување во Office, па тој сега ќе биде потпомогнат од вештачка интелигенција. При притискање на полето за пребарување веднаш ќе почне да се прикажуваат предлози, уште пред да се внесе текст.

Овие промени прво ќе бидат воведени во веб верзијата од Word, на Office.com страната. Потоа ќе почнат да стануваат дел од Insider верзијата од Office, односно на Outlook апликацијата, па со тек на време во месеците што следат ќе треба да станат достапни за повеќето корисници.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2gHacks
Претходна статијаLogic Booster – Brain Games е нова игра креирана од македонски програмери
Следна статијаInstagram веќе нема да ги означува корисниците кои прават screenshot од Story?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.