Како што беше најавено при претставувањето на првата тест верзија од Microsoft Edge на основа на Chromium за Windows 10, овој прелистувач сега е достапен, покрај на macOS од пред еден месец и на постарите верзии од Windows, односно Windows 7, 8 и 8.1.

Тоа значи дека конечно и корисниците на постарите верзии од Windows ќе можат да го пробаат и тестираат овој нов прелистувач, а секако програмерите ќе можат да ги тестираат своите веб апликации и страни и преку овие системи.

Microsoft Edge за Windows 7, 8 и 8.1 за почеток е достапен само во понестабилната Canary верзија, а се најавува наскоро пуштање и на Dev верзијата. За бета верзија се чека на сите платформи, односно се’ уште не е достапна ниту на Windows 10.

За да го симнете Microsoft Edge потребно е да отидете на официјалната страна на https://www.microsoftedgeinsider.com/ каде што ќе можете да се регистрирате како Insider и да ја симнете саканата верзија.

Од Microsoft истакнуваат дека корисничкото искуство и на постарите верзии од Windows ќе биде исто, иако во првата верзија не е достапна темната тема, како и уште неколку други работи, нешто на кое се работи да биде исправено и достапно.

Интересно е што од компанијата се решија да направат верзија за Windows 7, кога овој оперативен систем веќе нема да биде поддржуван од почетокот на идната година. Сепак, бројот на корисници на овој систем е се’ уште огромен, па можеби од Microsoft сепак сакаат да го овозможат Edge на што поголема публика, па дури и ако дел од неа ќе мора да се префрли на друга верзија од Windows идната година.

Според информациите од тимот којшто работи на развојот на Edge, може да се очекува и Linux верзија во иднина. Точна дата кога истото би се случило нема, но сепак не се исклучува можноста дека вакво нешто некогаш ќе се случи.

Инаку, Edge уште ги нема сите најавени функции, односно тие се очекуваат изгледа до пуштањето на бета верзијата, по што ќе следи финалната. Во оваа статија можете да ги видите дел од најавените функции кои ќе бидат дел од финалната верзија од Microsoft Edge.

ИЗВОРMicrosoft
ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаНЛБ Банка – прва банка во Македонија достапна на Вибер
Следна статијаБиткоин & социјалната нееднаквост
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.