Microsoft Edge можеби не успеа да се пробие на пазарот како што се надеваа од компанијата, меѓутоа тој сепак е достапен на секој Windows 10 уред и со секоја наредна верзија станува се подобар. Којзнае, можеби за некоја година ќе има посериозна бројка на корисници кои би го користеле, јас знам од време на време, чисто како за промена, да му дадам шанса.

Фактот што стана достапен на Android и iOS дефинитивно му дава поголема шанса за успех. Сепак, ние како корисници сакаме да користиме работи на коишто сме навикнати, па обично тоа што го користиме на десктоп, сакаме да е достапно и на мобилните.

Првпат прелистувачот стана достапен на овие две најпознати мобилни платформи при крајот на минатата година, прво во ограничена бета верзија, а потоа за сите корисници. Верзијата за таблет компјутерите беше оставена за подоцна, па еве сега и таа е достапна.

Корисниците на таблет кој работи на Android или iOS, можат да го симнат прелистувачот од Microsoft и со тоа можеби да му дадат шанса и на десктоп.

Јас лично се изненадив колку прелистувачот е подобар на Android во споредба со десктоп верзија. Сепак, на десктоп недостатокот на додатоци, главниот проблем на сите Microsoft производи годиниве, прави да тешко може да се одлучам да го користам Edge како главен прелистувач.

Меѓутоа на мобилниот, каде и така не користам додатоци, прелистувачот е изненадувачки добар и корисен. Посебно ми падна во очи брзината на отворање на веб страните, кое вака „од око“ делува дека е побрзо и од Chrome.

Како и да е, новите таблет верзии можете да ги симнете од соодветните продавници за апликации, односно преку следните линкови. Доколку се’ уште не можете да го инсталирате, ќе мора да почекате додека биде пуштен во целиот свет, нешто што за мобилните траеше неколку недели.

Симни го Microsoft Edge за Android

Симни го Microsoft Edge за iOS