Опцијата за избор на брзина на видео од сега достапна и за мобилните апликации YouTube наменети за корисниците на Android и iOS. Оваа практична алатка која овозможува неколку брзини на емитување на видеата, од успорена снимка до двојно побрзо од регуларното, најде широка примена и беше одлично прифатена од корисниците, па логично се најде како достапна и за корисниците на мобилните апликации.

Одличен пример за корисноста е доколку гледате туторијал и имате потешкотија да разберете извесен дел, сега можете да го погледнете одново и одново во забавена варијанта без потреба да го паузирате видеото и да се мачите да ги „листате“ фрејмовите.

Според официјалните лица од YouTube, при развојот на оваа алатка, develop-ерите имале потешкотии да го синхронизираат аудио и видео елементот, со цел корисниците да добијат комплетен сервис, без уништување на квалитетот на обата елементи. Како што е познато, забрзувањето или успорувањето на аудиото го менува квалитетот и генерално тонот на аудиото. Надминувањето на овој технички проблем не било воопшто комплицирано кај десктоп верзијата на YouTube, меѓутоа наиде на потешкотии кај мобилните апликации поради хардверски ограничувања и ограничен проток на информации кај мобилните уреди.

Опцијата е достапна за поголемиот дел од корисниците, а се очекува да биде генерално достапна наскоро. Пристапот до неа е можен преку менито означено со три точки на самиот врв на интерфејсот на апликацијата.

Извори: Engadget