Сигурно некогаш сте се нашле во ситуација каде што сте ја заборавиле лозинката за некоја веб страница. Процесот на креирање нова лозинка е една од подосадните работи, особено ако сте ја заборавиле лозинката и за мејлот каде што ви е пратен линкот за создавање на лозинката (како што ми се случи на мене).

Тоа изискува правење на нова мејл сметка, и одново регистрирање на конкретната веб-страница. Бројот на веб страници кои ни го привлекуваат интересот е преголем за да ги памтиме и СИТЕ лозинки поврзани со тие веб страници. Повеќето бараат користење на големи букви, бројки и симболи. Нашиот мозок, иако способен за големи работи, не може да памти илјадници низи на бројки и букви.

Постои елегантно решение

Кое што се нарекува сеф за лозинки (password manager). Овие „сефови“ генерираат лозинки по ваша наредба. Со креирање на профил на една од овие услуги (јас го користам 1Password, но добри се и LastPass и KeePass) може да креирате стотици лозинки кои ќе бидат непробојни (освен можеби од суперкомпјутерите на НСА).

На лозинките можете да пристапите кога сакате, и од каде сакате. Потребен ви е само интернет пристап. Сепак, се лажете ако мислите дека не треба да запамтите ништо друго освен веб-адресата на сефот. Единственото нешто што треба да го запамтите е главната (master) лозинка за да пристапите до вашиот сеф.

Не треба да ви кажувам колку е важна оваа лозинка доколку сите ваши лозинки ги чувате во ваков сеф. Оттаму, не е паметно да ја запишете на парче хартија кое ќе ви се мота низ дома или уште полошо по вашите џебови.

Водич за памтење на главната лозинка во три чекори

Чекор 1: Повторувајте ја главната лозинка на глас додека не сте сигурни дека можете да ја изрецитирате без проблем.

Чекор 2: Запишете ја лозинката во тетратка онолку пати колку што е потребно за совршено да ја запамтите.

Чекор 3: Пристапете кон ликвидација на таа тетратка.

Чекор 4: Почастете се нешто благо, изгледајте некоја серија. Бидете горди на себеси.

Штотуку ослободивте голема РАМ меморија во вашиот мозок.

Претходна статијаНовите iPhone X телефони ќе бидат претставени на 12 септември – Apple ги испрати поканите за специјалниот настан
Следна статијаКСИ против Логан Пол беше лош бокс натпревар (и генијален бизнис потег)