При крајот на мај, помеѓу неколку други најавени новини за Instagram, беше најавено и дека од мрежата планираат да не известуваат како корисници кога ги имаме видено сите објави од изминатите 48 часа. Оваа новина стана официјално достапна од оваа недела, па сите кои редовно ја ажурирате вашата апликација, веќе би требало да го имате известувањето.

Известувањето се прикажува на листата со новости во форма на поголем зелен „чек“ знак, под којшто е истакната пораката „You’re All Caught Up“, односно на македонски би било нешто во правец на „Во тек сте“.

Кога ќе ја видите оваа порака, може да бидете сигурни дека немате пропуштено нешто важно, односно дека имате видено се што е објавено од вашите пријатели и другите профили кои ги следите, во изминатите два дена.

Под овој знак, истакнуваат од Instagram, ќе можете да ги видите постарите објави, како и тие коишто веќе ги имате видено, а над знакот се поновите објави коишто се’ уште ги немате видено.

Причината поради која Instagram се реши да воведе едно вакво известување е поради тоа што прикажувањето на објавите на мрежата не е хронолошки, туку со алгоритам, за кого пред некое време можевме подетално да прочитаме како функционира.

Иако од компанијата тврдат дека по воведувањето на алгоритамот, корисниците успеваат да видат повеќе од објавите кои им е важни, сепак, секое наредно отворање на апликацијата, ги прикажува објавите во нов редослед. Тоа значи дека со „скролање“ надоле по листата, не може да бидеме сигурни дека ќе видиме се што било објавено, па едно известување од апликацијата може добро да се најде. Ова посебно важи за активните корисници со многу пријатели.

Оваа нова можност е достапна за апликациите на Android и iOS, а се што треба е да ја инсталирате најновата верзија која е достапна од вчерашниот ден.

ИЗВОРInstagram
Претходна статијаLG V40 ќе биде првиот смартфон со пет камери?
Следна статијаFacebook и Instagram тестираат нова „Do Not Disturb“ функција
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.