Со наредното ажурирање на Instagram корисниците ќе добијат една можност која според мене веќе одамна е потребна на оваа друштвена мрежа. Се работи за можноста „mute“ на одреден профил којшто го следиме, со што објавите од тој профил веќе нема да се прикажуваат на листата со новости.

За разлика од порано кога оваа друштвена мрежа се’ уште добиваше на популарност, а бројот на пријатели и објави беше нешто помал, сега Instagram е можеби и повеќе популарен и од Facebook, барем за одредена категорија на корисници.

Тоа значи дека бројот на пријатели кој го имаме може да се мери со тој на Facebook, а исто така бројот на објави во текот на денот е огромен. Сигурно нема некој од нас да нема некој пријател, ако не е и повеќе, кои објавуваат едноставно премногу во текот на денот и кратко кажано стануваат досадни. Секој од нас може да поднесе одреден број на селфија во текот на денот, а луѓе знаат да претераат.

Досега Instagram овозможуваше само да престанеме да ги следиме профилите, што во основа е слично со бришење некого од Facebook, а исто така корисникот ќе може да го забележи тоа, па ако се работи за некој близок, треба да се објаснуваме.

Ваквите ситуации веќе нема да бидат проблем. Со притискање на „mute“ на одреден профил, односно на објавата од одреден профил, веќе нема да ги гледаме тие објави. Mute може да се притисне и на Stories, меѓутоа тоа и досега беше достапно.

Корисниците кои се „стишани“ нема да бидат информирани за тоа и нема начин како да дознаат. Нивните профили и понатаму ќе може да ги гледаме, а се разбира, доколку се премислиме, секогаш може да направиме „unmute“ и повторно да ги добиваме објавите.

Покрај оваа новина која е официјална и ќе стане дел од апликацијата наскоро, од Instagram неофицијално тестираат уште две новини кои би требало да бидат пуштени во некоја од идните верзии од апликацијата.

Едната новина е прикажувањето на информација на листата со новости дека ги имаме видено сите објави во последните 48 часа. Ова е корисно за тие кои имаат поголем број на пријатели, па со оглед на тоа што Instagram исто така користи алгоритам за прикажување на објавите, односно не ги прикажува хронолошки, не секогаш може да сме сигурни дека имаме видено се што се објавува од нашите пријатели.

Втората новина која исто така се тестира е поврзана со движењето кое некако доби на популарност изминатиот период „time well spent“. Ова движење доби на популарност од кога дознавме дека Google во најновата верзија од Android ќе воведе можност за следење на точното време поминато на секоја од апликациите на телефонот, како и можност за ограничување на тоа време.

Instagram ќе воведе дел во апликацијата каде ќе може да следиме одредени информации поврзани со времето поминато на друштвената мрежа, па доколку сакаме да ги искористиме за намалување на истото.

Ова движење најмногу доби на популарност поради тоа што во денешно време сите ние поминуваме премногу време на нашите паметни уреди, а посебно на друштвените мрежи. Иако го правиме тоа, нема кој од нас да не се обидел или барем да помислил како да го намали тоа време на некоја „нормала“.

ИЗВОРTechCrunch
ИЗВОР 2Instagram
Претходна статијаПостои начин да го наполните телефонот само со движење на прстите?
Следна статијаSamsung го претстави неверојатниот Galaxy Ј6
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.