Една од главните карактеристики на новиот Gmail за веб е десната лента преку која се добива брз пристап до Google Calendar, Google Keep и Google Tasks. Tasks одамна е дел од Gmail, меѓутоа отсекогаш некако овој дел бил со застарен дизајн, кој се издвојуваше од остатокот на сервисот.

Со задржувањето на Tasks како дел од Gmail, исто како и сервисот, така и оваа функција конечно доби нов дизајн, модерен и функционален како и се друго со новите промени.

Заедно со овие промени, Google ги претстави Tasks и како посебна апликација достапна за Android и iOS. Внесените информации во неа се синхронизираат со Gmail сметката, па може да се гледаат од повеќе места, како и на новиот Gmail.

Што се однесува до самата апликација, таа е прилично едноставна и овозможува само основни функции. Изгледа е замислена од Google да може што поедноставно и брзо да се користи, па нема скоро ништо од тоа што го нудат конкурентите.

Мене лично ова ми се допаѓа, па веднаш почнав да ја користам како моја главна апликација за оваа намена. Другите апликации некако ми се преполни со непотребни функции кои многу ретко ги користам. Апликацијата за задачи, за мене треба да може брзо и лесно да овозможи внесување на кратки информации со цел истите да можам понатаму да ги извршам.

Па така, Google Tasks овозможува креирање на задачи, внесување на текст/објаснување за истите, креирање на додатни задачи, како и ставање на дата како потсетник. Интересно, при изборот на дата не е можно бирање на часот, туку само денот.

Изгледот на апликацијата е едноставен и пријатен за гледање. Нема непотребни додатоци и главниот акцент е на задачите. Апликацијата исто така изгледа го покажува новиот правец во којшто оди Google, а тоа е мени на долната страна, наместо од страните како досега.

Google Tasks можете да ја симнете од соодветните продавници за апликации или преку следните линкови.

Google Tasks за Android

Google Tasks за iOS

Google оваа апликација ја направи и посебно достапна за корисниците на G Suite, бизнис пакетот од компанијата, што покажува дека оваа апликација сериозно ќе биде развивана. Ќе видиме дали нејзината едноставност и недостаток на одредени функции е нешто што ќе биде променето или сепак тоа е главната цел и замисла на апликацијата.

ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаКако порано да го активирате новиот дизајн и функции на Gmail за веб
Следна статијаSnap претстави нови верзија од своите Spectacles очила
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.