Уште пред една година Google најави дека има развиено нов систем и протокол којшто е замислен како замена за стариот SMS којшто сите оператори во светот уште го користат. Системот е наречен RCS, односно Rich Communication Services и ќе работи преку Messages апликација од Google која моментално се користи за SMS пораки.

Поддршка за новиот систем дадоа повеќето оператори и голем дел од производителите на телефони, како Samsung на пример, што значи дека и нивните апликации за SMS се очекува да имаат RCS поддршка.

Помина цела година и дури и заборавивме на RCS системот, доволно за да воопшто го поставиме прашањето дали е откажан или нешто слично. Сепак, Google не само што не го има откажано, туку планира сам да го забрза процесот и да не чека на операторите.

Тоа значи дека Google ќе ја вклучи поддршката за RCS во нивната Messages апликација и истата ќе функционира преку интернет, додека поддршката на крајот не дојде од операторите. За почеток оваа поддршка ќе биде вклучена во апликацијата за корисниците од Франција и Британија, но нема информација која може да се очекува кај сите корисници.

Предноста на RCS е што корисниците можат да добијат информација за тоа дали пораката е видена, да видат кога корисникот ја пишува пораката, како и да испраќаат високо квалитетни слики без ограничување на нивната големина.

Една маана која се истакнува е немањето можност за шифрирање на пораките од „крај-до-крај“, па тие ќе може да бидат видени исто како SMS пораките од страна на операторот, односно во овој случај од страна на Google.

Од компанијата истакнуваат дека додека комуникацијата се одвива преку нив, тие веднаш ќе ги бришат пораките кога истите ќе бидат добиени од другата страна, а работат на тоа да сепак RCS сервисот има шифрирана комуникација.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаMicrosoft размислува да додаде Office копче на Windows тастатурите
Следна статијаHuawei Mate 30 Pro прикажан на неофицијални „рендери“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.