Па мислиме дека беше редно време. Конечно уште новости од Google, но овој пат станува збор за нов нивен продукт – апликацијата Neighbourly која има за цел да ви помогне да го истражите соседството преку локални експерти. Се селите често или патувате на нови места? Нема проблем, оваа апликација ќе биде супер за вас.

Во моментов, постои бета верзија за Android и засега е отворена за луѓето во Мумбаи (град во Индија) со кои се работат првичните тестирања. Преку апликацијата може да поставите прашање на англиски преку текст или глас, а во исто време достапна е истата опција на осум индиски јазици. Еве како се одвива работата: вие го поставувате прашањето, тоа се прикажува заедно со вашата сликичка и името и локалците бираат да го одговорат или не (постои опција swipe, што на нашки би дошло прелистување). Останатите персонални детали не се споделени со локалните граѓани.

Според нас, станува збор за навистина интересна иницијатива на Google. Промовирањето на нови продукти, особено оние кои поттикнуваат локална содржина е голем плус и дефинитивно е најдобриот начин за да се одржат во тек со менливиот свет во кој живееме, во кој за да останеш компетитивен, мора постојано да пушташ нови работи во оптек. Мислам дека овој чекор дојде многу природно за нив, бидејќи тие веќе ги охрабруваа корисниците да оценуваат места кои ги посетиле, како и да споделуваат мислења за истите на Google Maps.

Интересна е и одлуката да ја започнат оваа иницијатива на индискиот пазар, наместо во Америка, од каде што доаѓаат. Можеби тоа се должи на фактот што во многу делови на САД, Холандија и Франција, луѓето веќе се приврзани за Nextdoor – платформа за поврзување на луѓе со нивните локални заедници. Едно е сигурно – со толку податоци за пребарувањата на корисниците и детално истражување на пазарот, позиционирање и таргетирање на пазар кој не нуди вакви можности е вистинското решение. Плус Индијците доминираат на Интернет – кој доминира на сите ИТ туторијали и понуди за работа на фриленс сајтови?

Останува да видиме како ќе изгледа апликацијата кога ќе стигне и на нашите простори. Во меѓувреме, следете не’ на Смартпортал за да бидете во тек со сите новости.

Претходна статијаКако функционира алгоритамот на Instagram, односно како одлучува што ќе ни прикаже на листата со нови објави?
Следна статијаPazar3 со меѓународна експанзија на 4 нови пазари и нова Android апликација