На Google I/O конференцијата која се одржа минатата недела, покрај другите теми, Google голем дел посвети за приватноста и безбедноста на корисниците. Тоа и не е толку чудно, кога ќе се земе во предвид угледот којшто го имаат ИТ компаниите изминатите години, а најмногу поради случаевите како Cambridge Analytica, но имаше и неколку Google „афери“.

Како дел од насочувањето на компанијата кон овозможување на подобра приватност за своите корисници, тие најавија дека Google Maps ќе добие можност за работа во подобрена приватна околина, односно во таканаречен инкогнито режим.

Овој термин е познат поради тоа што Google го користат кај својот Chrome прелистувач, каде со негово вклучување, тој нема да ги зачувува историјата на сурфање, „колачињата“ од страните, како и нивните податоци и информациите кои се внесуваат во формите.

Инкогнито режимот во Google Maps ќе биде нешто сличен. Кога ќе биде вклучен, од Google истакнуваат дека апликацијата нема да ја памти активноста на своите корисници, како што е барањето на одредени локации и навигацијата.

Она што не е баш јасно е дали чувањето на историја на локацијата, доколку истата е вклучена преку Google сметката, ќе продолжи да биде чувана.

Инкогнито режимот ќе може да се вклучи преку нова икона со вашата слика од Google сметката, која ќе биде поставена десно на лентата за пребарување. При притискање на сликата, ќе се отвори посебно мени од каде ќе може да се притисне на инкогнито режимот, како и да се прилагодат други работи поврзани со сметката.

Не е точно јасно кога ќе биде пуштена новата верзија од Google Maps, но штом беше најавена на минатонеделната конференција, знаеме дека истата сигурно доаѓа, а најверојатно до крајот на годината, кога ќе биде пуштена и новата верзија од Android.

ИЗВОРZDNet
Претходна статијаAndroid ќе почне да добива системски надградби преку Play Store
Следна статијаМакедонската компанија Elevate Global селектирана меѓу 30-те најиновативни технолошки компании во Југоисточна Европа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.