Компанијата Google конечно ја претстави платформата Hangouts Chat. По речиси една година помината во својата бета верзија, платформата конечно го доби својот финален изглед. Главната намена на апликацијата е да поврзе луѓе за цели на бизнис соработка и комуникација. Се очекува апликацијата да му биде главен конкурент на Slack кој во последно време доминира без конкуренција.

Google лани одлучи да го измени Hangouts концептот, на начин што од него ќе создаде две посебни апликации. Едната наречена Chat ќе се фокусира на пораки и размена на документи, додека другата, Meet ќе обезбедува видео конференции.

Концептот на вакви апликации е познат во бизнис светот до степен што може да се каже дека е неопходен. Ефективна професионална комуникација, размена на податоци, соработка и ботови за асистирање се нужност на секоја современа компанија.

Меѓутоа Hangouts не е прва апликација од ваков вид. Таа ќе треба да се избори за свое место под сонцето во конкуренција со гиганти како Slack, Microsoft Teams и ред други. Позитивниот аспект е што Hangouts ќе функционира во согласност и координација со останатите услуги кои ги нуди популарниот G Suite, но и трети апликации од различни производители.

За сега услугите на Chat може да се добијат преку претплата на G Suite, меѓутоа трендовите на ова поле велат дека конкуренцијата планира ова да го понуди бесплатно. Па така, големи се шансите Hangouts Chat да биде понуден независно од G Suite и бесплатно.

Промоцијата на оваа платформа доаѓа со низа други измени поврзани со пакетот. Некои од нив се веќе на сила, како функцијата Quick access кај Google Docs. Додека други се најавени за наредниот период, како измените во делот на Calendar.

ИЗВОРVenture Beat
ИЗВОР 2Google
Претходна статијаNikon, Sony и други гиганти од индустријата ќе утврдуваат NICE стандард за паметни камери
Следна статијаНа WordPress работат третина од веб страните во светот