data-saver-chrome

Google претстави нова екстензија за Chrome прелистувачот наменета да ја донесе функцијата за компресија на веб страните од мобилните на десктоп компјутерите. Оваа функција може да се каже дека е најмногу поврзана со Opera прелистувачот кој што беше познат и користен поради неа во време кога мобилниот интернет беше побавен и со помал лимит.

Во основа заштедата на интернет сообраќајот преку ваквите екстензии се прави преку нивна компресија на серверот на компанијата. Тоа значи дека корисникот не ја отвора директно страната, односно таа е испратена во помала форма до прелистувачот на корисникот. Тоа покрај тоа што овозможува помала потрошувачка на ограничениот интернет сообраќај, исто така овозможува и побрзо отворање на веб страните.

Екстензијата од Google е наречена Data Saver и е се’ уште во бета верзија. Можете да ја симнете преку следниот линк.

Можеби ќе прашате зошто е воопшто потребна една ваква екстензија за десктоп верзијата од Chrome. Домашните интернет пакети веќе одамна нудат доволно голем лимит на сообраќајот, па сурфањето сигурно не може да го потроши истиот.

Меѓутоа со се поголемата брзина и лимит на мобилниот интернет, многу од корисниците го користат интернетот од нивниот мобилен на нивниот лаптоп компјутер кога се излезени. Без разлика на пакетите со поголем сообраќај, сепак неговата заштеда не е на одмет.

data-saver-chrome-1

Инаку, екстензијата функционира на многу едноставен начин. Се што треба е да ја инсталирате и да го следите заштедениот сообраќај преку копчето на лентата. Исто така преку ова копче можете да ја исклучите екстензијата и сурфањето да го правите стандардно.

Тоа е потребно поради тоа што преку серверите на Google не се врши компресија на заштитените страни, односно тие кои што го користат HTTPS протоколот.

Извор: Chrome Web Store, PCWorld

Претходна статијаAmazon со неограничен простор за складирање на слики и фајлови
Следна статијаApple ќе лансира три нови iPhone-и годинава?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.