Google никогаш не се реши да даде поддршка на Windows Store, а тоа направи голема разлика за неуспехот на Windows Mobile платформата која никогаш не доби сериозна поддршка од програмерите, а посебно од големите „играчи“.

За големо изненадување на сите, Google Chrome се појави во Windows Store за компјутерите кои работат на Windows 10, меѓутоа по отворањето се гледа дека се работи само за апликација која носи до страната за симнување на Google Chrome.

Причината поради која Google не сака, а и најверојатно нема да сака некогаш да го стави Chrome во Windows Store се правилата на продавницата и S верзијата од оперативниот систем.

Според нив, секоја апликација достапна во Windows Store која работи со прелистување на веб страни, мора да ја користи технологијата од Microsoft. Google се разбира си има своја технологија која ја користи и Chrome не би бил истиот прелистувач доколку биде направен со друга технологија.

Google може да направи две посебни верзии од Chrome во Windows Store, едната за повеќето корисници и една за Windows 10 S, меѓутоа ако искуството нешто покажало е дека тешко дека такво нешто ќе се случи.

Google ја користи технологијата од Apple за Chrome на iOS, меѓутоа тоа е веќе друга приказна. iOS има премногу голем број на корисници за да се тера „инат“.

Само еден ден по ставањето на Chrome апликацијата во Windows Store, Microsoft веднаш ја тргна со објаснување дека ги прекршува правилата на продавницата. Поточно, апликациите поднесени во продавницата треба да им овозможат на корисниците одредена вредност и уникатност, што секако тоа не се случајот со апликација која само носи до една веб страна.

Извор: The Verge, The Verge 2

Претходна статијаДоделени наградите од зимското финално коло од јубилејната наградна игра „70 години Макпетрол“
Следна статијаUber сепак прогласен како такси сервис во Европа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.