Пред неколку месеци беше откриено дека преку фитнес апликацијата Страва (Strava) лесно можело да се пристапи до податоци за локацијата и фитнес активностите на американските војници кои се сместени во воени бази ширум светот.

Но, очигледно американските војници не си ја научиле лекцијата. Неодамна беа објавени информации дека фитнес апликацијата на Полар (Polar Flow) го прави истото. Односно, било премногу лесно да се дојде до уште позначајни податоци за сите корисници на апликацијата, како бројот на отчукувања на срцето, адреса на живеење и практично сите податоци поврзани со поединечен профил на корисник.

Информациите се објавени од холандскиот весник De Correspondent и онлајн порталот за граѓанско новинарство Bellingcat. Тие многу лесно дошле до податоците за над 6.000 корисници на популарниот производител на опрема за следење на спортски активности Полар (преку нивната апликација Polar Flow).

Полар правеле достапни повеќе податоци за секој корисник, во споредба со Страва. Исто така, пристапот до тие податоци бил поедноставен отколку во случајот со Страва.

Bellingcat го опишуваат целиот процес на следниов начин:

Следењето на сите овие информации е многу едноставно: пронајдете воена база, одберете вежба објавена таму за да го идентификувате соодветниот профил и да видите на кои други места вежбало тоа лице. луѓето имаат тенденција да ги вклучуваат / исклучуваат фитнес тракерите кога заминуваат или влегуваат во своите домови, оттаму тие несвесно ги обележуваат своите домови на мапата. Корисниците често ги користат нивните целосни имиња во нивните профили, придружени со слика на профилот…

Она што го кажува горниот пасус е дека корисниците биле премногу либерални во објавувањето на лични информации. После скандалот со Страва, зачудувачки е како повторно припадници на војската на САД си дозволиле да ја направат истата грешка.

Сепак, реакциите во јавноста веќе вродија со плод. Полар ја остранија опцијата „Explore“, која му овозможувала на секој корисник да дојде до податоци за активностите на друг корисник од 2014, па наваму. Министерството за одбрана на Холандија пак, го забрани инсталирањето на фитнес апликации на службени мобилни уреди. Паметен потег.

Како и претходно со Страва, и во овој случај може да се извлече вредна поука. Никогаш не сме сто проценти безбедни кога станува збор за приватноста на нашите податоци онлајн. Секогаш е корисно да проверуваме какви податоци им даваме на апликациите кои ги користиме, и како тие ги користат нашите податоци.