Директорот на Mozilla Corporation во интервју ги откри плановите на оваа компанија која ги има за дополнителни извори на финансирање на работата која сега е во најголем дел зависна од други компании.

За развојот на Firefox финансии во главно се добиваат од интернет пребарувачите, како Google, кои плаќаат за да нивниот пребарувач биде стандардно вклучен како главен во Firefox прелистувачот.

Уште еден извор на финансии почна да биде Pocket додатокот за зачувување на страни за читање подоцна, а и во одредени земји се прикажуваат еден вид на реклами, односно промовирани статии на главната страна од прелистувачот.

Според информациите од директорот на компанијата, Крис Беард, Firefox ќе почне да нуди таканаречени премиум услуги за кои корисниците ќе треба да платат. Повеќе детали околу овие услуги тој не даде, меѓутоа даде одредена претстава за до некаде да може да се претпостави што да се очекува.

Firefox како прелистувач веќе е познато по тоа што се грижи за приватноста на корисниците. Тоа го покажува и преку тоа што во него се вградени механизми за блокирање на „тракерите“ од другите страни, а со најновите верзии ова е вклучено стандардно.

Ова што сега го имаат корисниците ќе остане бесплатно и понатаму, а со плаќање, на корисниците може да им се понуди нешто дополнително доколку тие сакаат да отидат чекор понатаму во заштитата на нивната приватност.

Еден начин кој се споменува за истото е нудење на VPN сервис, за кој сепак уште не е јасно дали ќе биде од Mozilla или понуден во соработка со друга веќе постоечка VPN компанија.

Втора работа која се споменува дека може да се наплаќа е во основа „облак“ сервис во кој ќе може да се чуваат датотеки. Mozilla веќе нуди можност за испраќање на датотеки преку Firefox Send, но корисниците би можеле да ја користат оваа компанија и за чување на нивните датотеки.

Нудењето на дополнителни услуги кои ќе се наплаќаат е одличен начин Mozilla да дојде до повеќе финансии, нешто што е клучно за тоа тие да продолжат да го развиваат овој прелистувач. Сепак, конкуренцијата која во главно може да се каже дека се состои во Google и нивниот Chromium проект, нема проблем со финансиите.

ИЗВОРgHacks
ИЗВОР 2TechRadar
Претходна статијаЛозинките во Windows 10 веќе нема да имаат рок на траење
Следна статијаMicrosoft најави нова верзија од познатиот Flight Simulator
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.