Mozilla ја пушти 69-та верзија од нивниот интернет прелистувач Firefox. Оваа верзија е достапна од вчера, па сите корисници кои ја немаат вклучено функцијата за автоматско ажурирање, истото можат самите да го направат преку Help > About Firefox делот.

Главната новина кај оваа верзија е продолжеток на започнатата работа во јуни кога блокирањето на „колачињата“ од трети страни кои го следат сурфањето на корисниците стана функција која е автоматски и стандардно вклучена за сите нови корисниците на прелистувачот.

Со најновата верзија од оваа недела, оваа функција се вклучува за сите корисници, односно доколку веќе не ви е вклучена на некоја од трите можности, по инсталирањето на најновата верзија, таа автоматски ќе се вклучи.

Поточно, автоматски се вклучува „Standard“ нивото на заштита од следење на активноста при сурфање, односно заштита од таканаречените „тракери“. Ова ниво овозможува заштита од колачињата од трети страни кои се користат за следење на корисниците низ веб страните кои ги отвораат, додека самиот систем за следење, односно тракерите, се вклучени само при сурфање во приватен режим.

Покрај заштитата од колачиња кои следат, стандардното ниво на заштита овозможува и заштита од „cryptominers“. Тоа значи дека посетата на одредени страни нема да може да се искористи за „злоупотреба“ на процесорот на вашиот компјутер за таканареченото „копање“ за крипто валути.

Доколку сакате да вклучите и дополнителна заштита од следење, истото може да се направи како и досега, преку Options > Privacy & Security.

Друга новина која според мене е доста корисна е можноста да се блокира автоматското започнување на видеа кај веб страните. Овие видеа досега можеа да се блокираат доколку исто така автоматски пуштаат и звук, но сега може да се блокира и целосно видео.

Новата верзија од Firefox исто така донесува подобрување во начинот на којшто се справува со ресурсите на страните кои се отворени, но се во позадина, односно корисникот уште не ги чита.

Firefox 69 е достапен за сите платформи, односно на десктоп и мобилен, а целосната листа на промени може да се најде на овој линк.  

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.