Уште во мај оваа година Facebook најави дека работи на поедноставна верзија од нивната Messenger апликација за која корисниците веќе одреден период се имаат жалено дека е станата премногу сложена.

Од компанијата истакнуваат дека според нивните анкети, на 7 од 10 луѓе едноставноста на апликацијата за разговори им е еден од главните приоритети.

Новата поедноставна верзија од Messenger е конечно тука, истата е наречена Messenger 4, а од вчерашниот ден им е достапна на корисниците. Новата верзија може да се инсталира како и секогаш, преку продавницата за апликации, односно преку системот за ажурирање.

Надградбата ќе биде постепено пуштана за сите корисници во неделите што следат, па немојте да се изненадите доколку веднаш не ви е достапна, кај нас се’ уште не е достапна.

Што се однесува до поедноставувањето на апликацијата, истото веднаш се забележува. На долната страна сега се достапни само 3 ленти, односно тие за разговори, луѓе и откривање на содржина.

Во делот за разговори се достапни сите обични и групни разговори, а во горниот десен агол сега е преселена иконата за камерата, преку која може да се сподели слика или видео.

Во делот за луѓе се достапни пријателите, нивните приказни, како и информација за тоа кој е моментално вклучен, додека во третата лента може да се откријат бизнис профилите, игри и слична дополнителна содржина.

Messenger 4 добива и дополнителни можности за прилагодување на делот за разговори. Балончињата со разговорите може да имаат различна боја, а нова е можноста за избор на градиенти од боите.

Во некоја од наредните верзии од апликацијата Facebook најавува и додавање на темна тема за разговорите, нешто што е многу популарно во последно време, а посебно со почестото користење на AMOLED екрани од страна на корисниците.

Останатите функции на апликација кои беа достапни во старата верзија си остануваат, па корисниците кои биле научени да прават нешто повеќе со оваа апликација, ќе можат да ги продолжат истите активност. Акцентот е ставен на поедноставување на корисничкиот интерфејс, како и на целосната навигација низ апликацијата која сепак во основа е апликација за разговори.

ИЗВОРFacebook
Претходна статијаПричината поради која мислиш дека секогаш си во право
Следна статијаДругата страна на фудбалот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.