Можноста за бришење на веќе испратена порака е достапно на повеќето апликации за разговори. Разликата е само во времето кое им е достапно на корисниците да ја направат оваа активност која може да ги “спаси” во одредени потенцијално незгодни ситуации.

Дека и Facebook Messenger конечно ќе добие ваква можност дознавме кога во јавноста излезе информацијата дека од компанијата ги имаат избришано одредени пораки кои ги има испратено Марк Закарберг, како и неколку други директори во компанијата.

Закерберг во тоа време најави дека тие веќе нема да ги бришат неговите пораки, се додека оваа можност не им биде достапна на сите корисници на Messenger. Оваа можност веќе одреден период ја очекуваме да стане достапна, па изгледа дојде времето кога ќе биде овозможена за сите.

До информацијата дека функцијата ќе стане дел од Messenger може да се дојде преку најава од Facebook во делот каде што обично ги пишува новините во конкретната верзија од апликација, во овој случај на iOS.

Како што се гледа од сликата, по испраќање на порака, истата може да се „врати“, односно избрише во рок од 10 минути. Времето можеби и не е така долго. Обично по испраќање на одредена порака, знаеме да се „каеме“ дури после неколку часа или наредниот ден, но ова сепак е замислено за погрешно испратени пораки, а не за премислување.

Со оглед на тоа што информацијата е ставена во овој дел и е назначено дека ќе биде достапна наскоро, може да заклучиме дека истата дефинитивно ќе биде дел од Messenger и може да ја очекуваме сигурно во неделите што следат.