Изминатите неколку недели сигурно имате „налетано“ на апликацијата FaceApp, ако не лично користејќи ја, барем преку некој од вашите пријатели кој ви има покажано како би изгледал кога ќе остари.

Оваа апликација не е нова, меѓутоа со додавањето на нови ефекти, истата повторно почна да станува популарна, па е на високи места на топ листите на двете најголеми мобилни платформи.

По краток период на голема популарност изминатите недели, почнаа да излегуваат информации за тоа дека оваа апликација ја нарушува приватноста на корисниците, односно повторно читаме за нов ваков случај онлајн.

Проблемот е во условите за користење на оваа апликација, кои секако никој скоро и не ги чита. Тие истакнуваат дека иако сликите кои се користат остануваат во сопственост на корисникот, сепак компанијата која стои зад развојот на апликацијата, може да ги користи, па скоро како сака.

Ефектите на сликите во апликацијата не се прават локално на уредот, па тие се прикачуваат во облакот на компанијата. Тоа корисниците најверојатно и не го знаат, а прашање е и дали воопшто ги интересира.

Дополнително се проблематизира овој случај поради тоа што главната компанија, односно таа во чија сопственост е компанијата која ја развива апликацијата, е руска компанија. Тоа предизвика да дури и FBI реши да покрене истрага за тоа дали во Русија се прикачени милиони слики од американски корисници, кои во денешно време може многу лесно да се користат за разни намени.

Сепак, безбедносните истражувачи сега за сега немаат откриено дека сликите се испраќаат во Русија, односно тие се чуваат на серверите на Amazon и Google, како што тврдат и од компанијата.

Тие исто така тврдат, во реакција на случувањата, дека сликите ги чуваат многу краток период, чисто за ако корисникот реши повторно да додаде ефекти на иста слика, по што тие се бришат.

Исто така, корисниците имаат можност да ги избришат од серверот своите слики, доколку се решат да го направат тоа, а од компанијата најавуваат поочигледен начин тоа да се направи.

Интересен коментар даваат од американски ИТ портал. Во овој момент нема некоја сериозна опасност од оваа апликација, а единствено некој може да испадне да си го види лицето на некој билборд во Русија, но сепак сликите најверојатно ќе бидат користени за тренирање на вештачката интелигенција.

На крајот, повторно имаме пример дека како корисници многу невнимателно оставаме секакви информации на интернет, без да се мисли за можните последици. Тие информации не седат секогаш сигурно на серверот на компанијата, па како што можевме да видиме и од случаевите со Facebook, тие можат лесно да бидат злоупотребени, а тука секако не мислиме само од хакери, туку и од самите компании.

ИЗВОРTechCrunch
ИЗВОР 2Forbes
Претходна статијаMicrosoft започнува со автоматска надградба на корисниците кои уште ја користат постарата верзија на Windows 10 од минатиот април
Следна статијаSamsung започна со масовно производство на првиот индустриски 12Gb LPDDR5 мобилен DRAM за премиум смартфони
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.