Иако Google Chrome доби одредено освежување на дизајнот во правец на тогаш новиот Material Design кој Google прво го претстави на Android, сепак тоа беше пред две години. Исто така, промените може да се каже дека беа минимални и не го променија изгледот на прелистувачот нешто позначајно, а може да се каже и дека повеќе промени добија посебните страни како Settings, Extensions и слично.

Во Chrome Canary, верзијата од Chrome наменета за програмерите, верзијата која доаѓа пред Chrome Beta, може да се види нов дизајн на прелистувачот којшто овој пат позначајно го менува изгледот.

Јас веднаш ќе кажам, не знам дали сум грешка или не, но новиот дизајн на Chrome многу ме потсетува на стариот дизајн на Firefox, барем делови од него. Главната причина за тоа е акцентот на заоблените елементи кои ги заменуваат правоаголните достапни сега.

Како што можете да забележите на насловната слика, како и на оваа погоре, лентите се направени да бидат без агли, односно се заоблени. Истото е случајот и со копчето за сигурноста на веб страната, односно дали истата користи SSL или не, како и лентата за адреси.

Друго што може да се забележи е преместување на иконата за најавениот корисник на Chrome. Истата веќе не е на најгорниот дел од прозорецот, лево од контролите за истиот, туку е преместена на лентата каде се прикажуваат менито и инсталираните додатоци.

Колку што можам да забележам, остатокот од прелистувачот, барем засега, е во главно ист, а тука се и ефектите при притискање на одредени делови како менијата, омилените страни и слично.

Доколку сакате да го пробате овој нов изглед на Chrome, ќе треба да ја инсталирате Canary верзијата која е достапна на следниот линк. Моментално новиот дизајн е достапен само на верзијата за Windows. Исто така не би препорачале користење на оваа верзија, сепак е наменета за тестирање од страна на програмерите, па можни се одредени проблеми.

По инсталација на Chrome Canary, во лентата за адреси внесете го следниот текст –     chrome://flags/#top-chrome-md – и притиснете да се отвори страната. На првиот избор, обележан со жолта ознака, односно на UI Layout for the browser’s top chrome, изберете „Refresh“ од менито на десната страна. Прелистувачот ќе треба да се рестартира, по што ќе биде вклучен новиот изглед.

ИЗВОР 29to5Google
Претходна статијаFile Explorer во Windows 10 ќе добие поддршка за темната тема на оперативниот систем
Следна статијаIntel претстави нови сигурносни технологии на RSA 2018
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.