Сопственикот на Facebook даде интересно новогодишно ветување: да ја „поправи“ најпопуларната социјална мрежа и да го направи светот подобро место. Не е прв пат Зукерберг да понесе одговорност за работите кои се случуваат во светот. Дека тој и практично е „виновен“ покажува фактот дека во негова сопственост се наоѓа најмасовно користениот комуникациски канал некогаш измислен. Тој смета дека светот е поделен и нервозен, а дека Facebook допринесува во добра мера за таквата атмосфера.

Дека воопшто нешто не е во ред со Facebook, почна да се зборува во 2016-та година. Претседателските избори во САД, традиционално кренаа многу прашина. Меѓутоа, она што за прв пат беше евидентирано во поновата историја на цивилизираниот свет беше влијание врз гласачкото тело. Не било какво влијание, туку влијание по електронски пат, користејќи ја токму најпопуларната социјална мрежа. Ваквиот начин на убедување на гласачите и не е особено нова метода. Но, исходот на изборите беше камен врз главата на токму оние кои претходно ја монополизираа ваквата метода.

Знаменосецот на американската „длабока држава“ зад која стојат корпорациите успеа да загуби играјќи по правилата кои самата ги одреди. Хилари Клинтон замина во политичка пензија, а на сцена дојде човек кој е плод, токму на таа reality доктрина. Многу бргу стана јасно дека слободата на говор знае лесно да го возврати ударот доколку тој што одредува што смее да се каже, а што не, веќе нема контрола над ситуацијата.

Оние кои до вчера имаа полна уста флоскули како: слобода на говор, политичка коректност, слобода на убедување, слобода на изразување… Одеднаш, решија да ги менуваат правилата на игра. Одеднаш сфатија дека не баш секој смее да го изнесе своето мислење и не баш секој има право да ја обвини другата страна.

Но, да се вратиме на темата. Facebook очигледно се устоличува на позицијата глобален канал за влијание. Свесен за своите капацитети, Зукерберг сака оваа година да си купи место во друштвото на извори на информации од доверба. Она што ќе се менува е веќе неколку пати најавено. Начинот на промовирање содржини, како и самите содржини ќе бидат детално проверувани. За да го задржи приматот, не смеат да се повторат инцидентите од крајот на 2016. Годинава, на политичката сцена претстојат изборни процеси во голем број земји. Токму тука Facebook ќе се обиде да го „осветли образот“.

Ако 2009-та новогодинешното ветување на тогаш младиот и се уште непознат Марк Зукерберг беше дека ќе носи вратоврска, а веќе денес го менува светот, јасно е за каков глобален играч станува збор.

Извори: TechRadar, TheNextWeb

Претходна статијаIntel го претстави првиот NUC компјутер со AMD графика
Следна статијаSamsung го претстави The Wall – модуларен 146 инчен телевизор со microLED технологија