Неколку месеци по најавата за формирање на нова компанија која ќе работи на развој на генеративна вештачка интелигенција и големи јазични модели од страна на Елон Маск, xAI сега го претстави својот прв производ.
Grok е кратко кажано „четбот“ кој ќе им конкурира на ChatGPT од OpenAI, компанија која Маск ја ко-основа, Bard од Google и другите.
Од компанијата истакнуваат дека Grok е трениран само два месеци, па корисниците кои ќе имаат пристап треба да го земат тоа во предвид, но подобрувањата ќе можат да се забележуваат на неделно ниво.
Grok се промовира како вештачка интелигенција моделирана по „Hitchhiker’s Guide to the Galaxy“, што значи дека корисниците треба да можат да добијат одговор на секое нивно прашање, па дури да добијат и предлог што друго да прашаат.
Треба да се разликува од конкуренцијата по стилот на одговори, па од xAI нагласуваат дека Grok има хумористична „жичка“, а исто така и бунтовничка. Корисниците не треба да го користат доколку не сакаат хумор.
Како пример за тоа како функционира Grok, Маск дава со одговор на прашањето како да се направи кокаин. Grok започнува со одговарање, за разлика од неговите конкуренти, а одговорот се гледа дека е наменет како шега, а на крајот тоа и се нагласува.
Пристапот до информациите на Grok е во вистинско време, а поголемиот дел од нив ги добива од X мрежата. Сега станува и појасно зошто Маск го промени името на Twitter.
Пристап до бета верзијата од Grok имаат мал број на корисници во САД, а истиот може да се очекува во главно за Premium претплатниците на X.
Јазичниот модел на кој е направен Grok е наречен Grok-1, па со тек на време може да се очекуваат нови верзии. Овој модел се истакнува дека е на исто ниво, па дури и ги надминува дел од конкурентите во различни задачи, како што се математички проблеми и слично.

Ако се чудите што значи името на овој нов „четбот“, одговорот може да се најде во научната фантастика, исто како книгата и филмот кои се истакнуваат на почетокот. Grok се објаснува дека значи „да се разбере детално и интуитивно“.