Додека читавме какви новини може да се очекуваат со првата поголема надградба за оваа година на Windows 11, која се очекува во втората половина од годината, Microsoft најави дека сепак ќе пушти неколку новини овој месец. Новините беа објавени уште за време на најавата, па сега и официјално е пуштена верзијата 22000.527 верзијата од Windows 11, односно KB5010414 надградбата достапна преку Windows Update.

Новините пуштени со оваа надградба можеби не се нешто посебно „револуционерни“ или генерално големи, но сепак донесуваат неколку мали подобрувања кои треба да го подобрат корисничкото искуство.

Првата новина е поврзана со копчето кое ја вклучува лентата со „виџети“. Како што беше најавено, тоа сега е поставено на левата страна од „таскбарот“ и има кратка временска прогноза, наместо претходната икона. Со ова корисниците добиваат екстра информација, наместо само обично копче.

Со поминување со курсорот над новото копче се вклучува лентата со виџети, па истата се трга кога ќе се тргне и курсорот. Притискањето на копчето прави да лентата со виџети не да се трга со тргање на курсорот од него, па корисниците можат да ја користат или да ја затворат со притискање на било кое друго место на екранот.

Доколку Старт менито е наместено да е поставено на левата страна, наместо во средината, новото копче ќе биде дел од останатите копчиња, како тоа за пребарување или менување на десктоп околините.

Надградбата донесува и нови и освежени верзии од две апликации. Едната е од Notepad која сега повеќе наликува на стилот кој се користи во Windows 11, а има и поддршка за темна тема.

Втората е новата Media Player апликација која ја заменува Groove Music апликацијата, а може да се користи за сите видови на „медиа“ датотеки, односно покрај за музика, ќе се користи и за гледање на видео содржина. Може да се каже дека ова е нова верзија од старата и позната Windows Media Player апликација која беше доста користена, иако Microsoft одамна престана да ја развива.

Уште две промени се поврзани со „таскбар“ лентата. Едната овозможува лесно вклучување и исклучување на микрофонот за време на разговори преку Microsoft Teams, кај бизнис и сметките од образовните институции. Покрај ова, за време на Microsoft Teams видео разговор, отворените апликации има ново копче за споделување на екранот, па сега корисниците ќе можат многу полесно и побрзо да почнат со споделување на екранот од саканата апликација за време на презентациите.

Најголемата новина, која ја оставивме за крај затоа што не е достапна во Македонија, туку само во САД, е достапноста на Android апликации. Ова беше една од најголемите новини најавени за Windows 11, но пуштањето беше одложено, а минатата година се започна со тестирање преку Windows Insider програмата.

Корисниците ќе можат да ја инсталираат Amazon Appstore Preview апликацијата и да инсталираат некоја од 1000 достапни Android апликации. Истите ќе може да се користат исто како Windows апликации, односно ќе може да се постават на Старт менито, таскбарот, да се поставуваат на страните од екранот преку Snap функцијата и слично.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаGoogle го претстави Chrome OS Flex кој може да се инсталира на PC и Mac
Следна статијаТелеком ја пушти првата комерцијална 5G мрежа во Македонија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.